„Зборови што го менуваат светот" - зборник од цитати на рускиот претседател Владимир Путин преведени на македонски јазик објави издавачката куќа „Ѓурѓа" која денеска ја промовираше книгата во соработка со Амбасадата на Руската Федерација во Скопје.
Книгата е компилација на 19 статии и говори од меѓународни конференции и јавни настапи на рускиот претседател, почнувајќи и завршувајќи со неговите обраќања на Генералното собрание на Обединетите нации во 2003 и 2015 година. Книгата досега е преведена на повеќе јазици, меѓу кои и на англиски и кинески.
Амбасадорот на Руската Федерација во Македонија Олег Шчербак истакна дека Русија застапена од нејзиниот претседател на светот му предлага поправедни, пофер и повизионерски одлуки отколку тие што се предложени од западниот политички врв.
„Во светот на кој Западот му ги наметнува своите лажни вредности, практиката на двојни стандарди, незаконските санкции, грубата употреба на сила и презирот кон меѓународното право, многу политичари и експерти кои мислат објективно, јавно признаваат дека да се слушнаа во Вашингтон и Брисел прогнозите и предупредувањата на Владимир Путин од Безбедносната конференција во Минхен во февруари 2007 година, светот ќе беше поинаков - помирен, постабилен и попросперитетен“, рече рускиот амбасадор.
Додаде дека претседателот на неговата земја има вештина која е ретка кај денешните политичари - трезвено да ја процени сегашноста и да ја согледа иднината, да има храброст да говори чесно и отворено и, како што рече, да излезе од рамките на деструктивниот мејнстрим и да предложи позитивна агенда и избалансирани решенија.
Промоторот на книгата и автор на предговорот Емилија Гелева рече дека нема подобар наслов за книга што го отсликува вистинското дело на Путин кој, рече, го смени текот на светската геополитичка историја.
„Се поголем е бројот на приврзаници и поддржувачи на Владимир Путин кои ја разбираат неговата борба да го трансформира светот од свет на англоамерикански хегемонизам во мултиполарен со поставување рамнотежа во односите меѓу народите“, рече меѓу другото Гелева.
„Зборови што го менуваат светот“ е прва книга во новата едиција „Сиот свет е сцена“ која издавачката куќа „Ѓурѓа“ ја воведе годинава по повод 30 години од своето постоење. Во неа ќе објавува наслови од и за истакнати актуелни политичари од цел свет, личности кои со своето водство го менуваат современиот свет.
Извор: https://www.mkd.mk/kultura/knizhevnost/promoviran-zbornik-na-najznachajnite-govori-na-putin
12.10.2017 г.