Посветено на моите непријатели
Ве запирам за миг
да ви речам : ‘‘благодарам’’
Ниту мојата заспана совест,
ниту шепотот на Љубениот го чув
за да застанам , да се покајам.
Но вашата мелодија е гласна
и звуците од самиот ад потекнуваат
вриштат и викаат.
Затоа се толку делотворни.
Ви благодарам
што ми дадовте време
да преболам-некого,
ви благодарам
што ми дадовте можност
да израснам-над нешто.
Зашто Љубениот Христос вели
никој кој љуби некого или нешто
повеќе од Мене, е достоен за Мене.
А јас љубев времено
љубев минливо и рушливо…
Ви благодарам
што се грижите за мене
и за моите мали браќа и сестри,
за нас најмалите,
болни, голи и затворени,
нас гладни, жедни,
угнетени и биени.
Нас не има во секоја улица,
болница, дом за стари,
дом за сирачиња, градинка.
Во секој град и село.
Сета земја е полна со нас.
Нашата немоќ,
предметот на нашата игра
е само привид.
Слабоста наша,
нашата бела кожа,
нашите рани и долапи,
сето тоа што ви служи
за изразување креативност
за едно е пројавена-
за силата на Севишниот
во човековата немоќ да се огледа.
Зар може да се подигнеме
над трулежното
ако не се свртиме кон вечното.
Ви благодарам
зашто подобро од мене
ја ловевте мојата сопствена страст,
фрлавте ждрепка за моите недостатоци,
и патот за утре го поплочувавте
со мојот сеуште несторен грев.
Да ви кажам: ’’секојпат имавте право’’.
Но зар земјата може да даде нешто друго
освен тоа што е – земја.
Зар може да не се благодари
на оној што добро ти прави,
кој ти ја отвора вратата
кон бескрајната добрина и убавина.
Затоа многу сум ви благодарна
и простете што некогаш
мојот труд е јалов
и не примајте ми го тоа
за недостиг на љубов.
Посветено на моите непријатели
М.Г
26-ти декември, лето Господово 2013
Друго:
Посветено на мојот духовен отец
Посветено на мојата духовна сестра