Павел Шатев за насилствата на грчките власти
Огледи за насилствата на грчките власти, за политиката на бугарската влада кон македонското револуционерно движење и за шовинизмот на белградската влада се објавени како дел од петтиот том од оставината на Павел Шатев со наслов Записи за нацијата и државата.
Овој том содржи над педесет текстови на Шатев, кои тематски се поврзани со суштински прашања за Македонија и состојбите со неа во периодот од 1920-тите до 1940-тите години на 20 век. Една третина од статиите досега воопшто не се публикувани, а другите се објавувани во весници и во списанија во Бугарија (пред 1944 година) и во Македонија (во 1944 и 1945 година, во весникот Нова Македонијаа)", велат од издавачот Македоника кои оваа книга ја издадоа заедно со Државниот архив на Македонија.
Во книгата Шатев ги разработува и афирмира прашањата и за феноменот на четништвото во македонското револуционерно движење; за македонските бегалци; за потребата на заеднички фронт на македонското ослободително движење со сите угнетени народи и национални малцинства на Балканот; за меѓусебните убиства во редовите на михајловистичката и протогеровистичката ВМРО; како и повеќе теми за македонското националното прашање и за решавањето на националното прашање во Советскиот Сојуз...
Изборот и преводот на текстовите е на Предраг Димитровски, а стручната редакција и предговорот се на Зоран Тодоровски.
(Де.Т.)_ Вечер