Промоција на четири тома од пишаната оставина на македонскиот револуционер, национален деец и државник Павел Шатев ќе се одржи во понеделник во Музејот во Кратово.
Промоцијата се совпаѓа со роденденот на Шатев - роден е на 15 јули 1882 година (нов стил) во Кратово.
Четирите тома: „Историја на Македонија", „Борис Сарафов - биографија", „Спомени" и „Полициско досие (досие УДБА)" се објавени од Друштвото за издавачка дејност „МАКЕДОНИКА" од Скопје и Државниот архив на Република Македонија, во превод на Предраг Димитровски, а стручната редакција и предговорот се на проф. д-р Зоран Тодоровски.
Делата ќе ги претстават проф. д-р Зоран Тодоровски, Предраг Димитровски и Нове Цветаноски.
До крајот на годинава, ќе бидат објавени уште четири тома со трудови и документи на Шатев. Неговата оставина изнесува повеќе од 4000 страници во ракопис. /крај/мф