Организаторите за годинава, покрај учеството на домашните книгоиздателства, најавија и гостување на издавачи од Србија, Албанија, Италија и од Шведска. Најавени се и промоции на нови книжевни изданија, литературни читања и средби со автори, меѓу кои и со светски познатиот детски писател, Швеѓанецот Улф Старк
На изложбена површина од 3.000 квадратни метри, од утре во „Метрополис-арената“ на Скопскиот саем почнува јубилејниот 25. меѓународен Саем на книгата, кој на едно место ќе има најголема концентрација на дела од домашни и од странски автори, класична и современа, стручна, научна и белетристична литература, енциклопедии и друго.
Организаторите за годинава, покрај учеството на домашните книгоиздателства, најавија и гостување на издавачи од Србија, Албанија, Италија и од Шведска. Најавени се и промоции на нови книжевни изданија, литературни читања и средби со автори, меѓу кои и со светски познатиот детски писател, Швеѓанецот Улф Старк. Организаторите очекуваат околу 40 илјади посетители.
Приоритет ќе имаат домашните автори
Домашните издавачи најавуваат многу преводи и нови книги од домашни писатели. Тие годинава очекуваат повеќе придружни настани, дебати, трибини...
Издавачката куќа „Ѓурѓа“ за време на саемот ќе има промоција на наградениот роман од конкурсот по повод јубилејот 25 години „Мисија“ од Миле Костов. „Култура“, пак, ќе ја промовира книгата „Пишувајќи ги изгубените топки“ од Фросина Пармаковска, а нејзин промотор ќе биде писателот Ермис Лафазановски. Оттаму најавуваат и презентација на италијанските изданија на „АЛМА едизиони“ чиј промотор ќе биде Јулијана Синадиновска. Издавачката куќа „Дијалог“ најави промоција на романите „Сестрата на Зигмунд Фројд“ и „Разговор со Спиноза“ од Гоце Смилевски и „Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски.
„Или-или“ најавува промоции на романите: „Тринаесеттиот месец“ од Александар Русјаков, „Бели заби“ од Зејди Смит, „Фотосинтеза“ од Игор Ангелков, „Кругови“ од Тина Иванова и др.
- На нашиот штанд најмногу ќе преовладува преводната литература. Но она што особено ни причинува задоволство се домашните автори, кои во поголем дел ќе ги претстават своите први прозни остварувања - вели Стевовиќ.
Издавачката куќа „Три“ најави десетина новитети што ќе бидат промовирани ексклузивно на саемот.
- Сигурни сме дека ќе ги задоволиме апетитите на сите љубители на книгата што ќе ги посетат саемот и штандот на „Три“. Посебен акцент ќе биде ставен на домашните писатели. Постојано ќе имаме промоции и средби со авторите - вели Бојан Саздов од „Три“.
На Саемот на книгата издавачката куќа „Темплум“ ќе ја претстави новата едиција „Квир сквер“. Еден од првите три наслови во едицијата е извонредната дебитантска книга на младата словенечка авторка Уршка Стерле.
Меѓу 60-те изложувачи на саемот се и Македонската православна црква, Македонската академија на науките и уметностите, Институтот за македонски јазик, Англискиот центар и др. Некои од издавачите, пак, како издавачката куќа „Блесок“, и годинава, како и лани, нема да учествуваат на саемот, поради високите цени за изнајмување простор.
Награди за најдобрите изданија
Издавачката куќа „Феникс“ најави нов проект посветен на најмладите читатели - едицијата „Детски класици“, која ќе ја промовира на Саемот на книгата. Покрај тоа, секој месец ќе бидат објавувани по две најпопуларни, најпознати и најпривлечни книги од детските класици, како Јакоб и Вилхелм Грим, Ханс Кристијан Андерсен, Александар Сергеевич Пушкин, Шарл Перо, Е.Т.А. Хофман, А.А. Милн, Хју Лофтинг, Џорџ Лобачев, Е.Р. Бароуз, Марк Твен, Виктор Иго, Луис Керол... Цената на изданијата од едицијата „Детски класици“ ќе се движи од 100 до 200 денари.
Здружението на издавачи и книжари годинава ќе додели награди во пет категории: за најдобро издание меѓу два саема, за ликовно-графичко обликување, за најдобра сликовница, ќе се избира најдобар книжар и за најдобро отпечатено дело.
Во организација на издавачката куќа „Феникс“ ќе им биде доделена наградата за книжевен опус „златен прстен“ на Душица Илин од Белград, Борислав Павловски од Загреб и на Тодор Чаловски од Скопје, наградата „Гоцевата мисла“ на Златко Крамариќ, амбасадор на Хрватска во Македонија, како и наградата „Ана Франк“ за најдобра книга за деца и млади на Виолета Димова од Македонија и на Дејан Алексиќ од Србија.
Извор. Нова Македонија
08.04.2013
Друго:
Oтворен Саемот на книгата 2013
Понеделник, 08 Април 2013 12:40
Е-пошта Печати PDF
Saem_1-320Во деновите на саемот кој ќе трае до 15-ти април, посетителите ги очекуваат бројни промоции, тематски средби и пригодни изложби
Првата купена книга на годинешниот Саем на книгата 2013 е Светлечкиот поток од Божин Павловски, која ја купи заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ. Тој на отворањето на манифестацијата изрази големо задоволство што и годинава Министерството за култура заедно со Скопски саем е покровител на акцијата „Подари книга, подари богатство“.
Владата на Република Македонија и Министерството за култура во изминатиот период реализираа значајни проекти во областа на издаваштвото. Како што истакна заменик-министерот пред јавноста беа претставени проектите ,,130 тома македонска книжевност” како и проектот за превод на оваа едиција на англиски јазик, потоа едицијата ,,Превод на литературни дела - добитници на Нобелова награда за литература”, едицијата „Превод на литературни дела на добитници на Нобеловата награда за литература, а во тек е и реализацијата на едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ и најновата едиција „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа.
„Овие најзначајни капитални едиции во наредните 6 дена ќе бидат презентирани и пред посетителите на Меѓународниот саем на книгата, на изложбениот штанд на Министерството за култура и НУБ Свети Климент Охридски. На штандот секојдневно еминетни личности, академици, писатели, професори, издавачи, лингвисти и преведувачи ќе ги презентираат и ќе ги споделат своите ставови и мислења за значењето на овои едициите“, истакна Недељковиќ .
Оваа саемска манифестација е од големо значење за македонската читателска публика која има одлична можност во наредните денови да ужива во презентација на најновите дела од домашната, но и од светската книжевна продукција.
Во деновите на саемот кој ќе трае до 15-ти април, посетителите ги очекуваат бројни промоции, тематски средби и пригодни изложби. (МКР)