Нема црква без претстава на Рождеството Христово
Нема црква во која не е насликано Рождеството Христово, вели академикот Цветан Грозданов, експерт за средновековно сликарство, во пресрет на Божиќ, најрадосниот празник во христијанството.
- Рождеството Христово, заедно со Велигден, празникот на неговото воскресение и денот на Христовото крштевање, се трите највисококотирани меѓу 12-те празници во христијанството. Претставите на овие настани се и меѓу најчесто застапените мотиви на фрескопис и иконопис. Но, речиси и не постои црква без ликовен приказ на раѓањето Христово - вели академикот Грозданов.
Според канониите на живописот, секој иконостас мора да содржи и претстава на раѓањето Христово, зашто, според христијанското верување, светот е спасен со доаѓањето на свет на Божјиот син.
- До денешен ден, во светската уметност, се насликани милиони слики и ликовни претстави на овој значаен настан. Само во македонските цркви постојат неколку илјади претстави на Рождеството Христово - вели академикот Грозданов.
Но, во научната мисла не постои консензус за тоа која од овие претстави е најубава и најзначајна од ликовен аспект.
- Тоа е исто како да се обидеме да кажеме која е најубавата песна во македонската традиција или кој е најдобриот роман во македонската литература - вели академикот Грозданов.
Сепак, како што вели овој експерт, меѓу најкарактеристичните на оваа тема се фрескописите во Курбиново, во црквата „Свети Климент“, позната и како „Богородица Перивлептос“ во Охрид и во скопско Нерези.
Во модерната уметност на Македонија, пак, полека исчезнува ваквото присуство на религиозните мотиви, генерално, а претставата на раѓањето Христово речиси и ја нема.
- Кај некои од помладите сликари можат да се сретнат религиозни мотиви, како кај Новица Трајковски, на пример, но генерално таа тематика е малку застапена. Теми од христијанството може да се сретнат како парафраза, на пример, во сликите на Александар Станковски или кај Жанета Вангели - вели Ана Франговска, историчарка на уметноста.
Религијата отсекогаш имала голема улога во човечкиот живот - во секојдневниот и во оној подлабокиот, духовниот и интимен живот. Таа длабока поврзаност се огледува и во уметноста, во која овие два аспекта, од почетокот на цивилизацијата до денес, редовно оделе рака под рака. Уметниците со векови наоѓале непресушна инспирација токму во религијата, а голем број мотиви што секогаш одново се појавуваат во уметничките опуси на одредени култури, по правило, имаат корен во нивните верувања и религии.
Христијанството како најмоќна религија на западниот свет набргу по инаугурацијата и официјалното признавање го добива приматот во ликовното изразување. Архитектурата, сликите и скулптурите ја одразуваат моќта на црквата. Фактот што црквата долго време била и институција што нудела образование придонел богатите фрески во божјите храмови неретко да бидат и своевидни „книги во слики“ или - учебници за неписмените.
На тој начин, низ вековите се профилирале одреден број теми на кои уметниците и нарачателите секогаш со радост им се навраќале, а кои се врзани за раѓањето, животот и смртта на Исус. Иако списокот на свети теми во западната уметност е подолг, хиерархија сепак постои, па некои теми се покажале како поомилени од други. Меѓу омилените се Христовото раѓање и ликовните претстави на настаните што се во директна поврзаност со него - Благовештението кога архангелот Гаврил & го навестил на Марија среќниот настан, поклонувањето на кралевите пред новороденчето и претставите на Богородица со бебето Христос.
Ј. Ф.
Дело на Бернхард Холеман од Австрија
Вечерва во КИЦ ќе биде отворена изложба на дела од балкански уметници
КАТЕРИНА БОГОЕВА ,Утрински весник
Амбасадорот на Европската унија во Македонија г-динот Ерван Фуере вечерва во 19 часот во Културно-информативниот центар во Скопје ќе ја отвори изложбата „Утопистички остров Балкан спирит“, на која пред скопската публика ќе бидат презентирани 36 дела создадени на првата ликовна колонија „Балкан спирит“.
Колонијата која се одржа летово во Охрид, во организација на Фондацијата за стратешки истражувања „Киро Глигоров“ и Асоцијацијата за култура „ИКОН“, успеа на едно место да обедини значајни сликарски имиња од повеќето земји од Балканот и да ја презентира убавата слика од просторот, обременет сеуште со низа негативни стереотипи за неговите вредности. Делата на дваесеттина балкански сликари: Хасан Налбони (Албанија), Светлин Русев и Милко Божков (Бугарија), Костис Ксантопулос (Грција), Рајко Тодоровиќ - Тодор (Црна Гора), Миодраг Бата - Михаиловиќ и Бранко Миљуш (Србија), Томур Атагок (Турција), Ештреф Ќахили (Косово) и Владимир Георгиевски, Глигор Чемерски, Коле Манев, Решат Амети , Павле Кузмановски , Мирослав Масин, Невзад Бејтули-Кица и Тома Мишев (Македонија), како и на специјалните гости Бернхард Холеман од Австрија и Ханс Херпих од Германија, на публиката ќе ја покажат големината на различноста на ликовното творештво, но и заедничката мисла за безграничната моќ на обединување што во себе ја содржи културата.
Дел од годинешната продукција на колонијата, веќе беше презентиран на изложба во Охрид, а организаторите планираат во наредните месеци на околу 200 адреси на значајни инстиитуции во Европа, да го испратат каталогот на изложбата, отпечатен и на англиски јазик за да ја запознаат пошироката јавност со вредноста и идејата на „Балкан спирит“.
Костис Ксантопулос од Грција
„Не е неважно што „Балкан спирит“ се случи во Македонија и што во иднина ќе продолжи да работи тука неговата работилница на разбојот на душата на која и е иманентна уметноста како универзална вредност и врховен дар од Создателот, со кој Тој го дарувал човекот да создава убавина и љубов, а не мит за темнина со која е богато населена светската историска ноќ“ - ќе запише меѓу другото во текстот од каталогот писателот Ефтим Клетников, додека Сабине Кертнхалер, секретар и конзул на Австриската амбасада во земјава, која е една од подржувачите на ликовната колонија ќе потенцира: „Називот Балкан честопати служи како место на проекции и имагинации. Неговите внатрешни и надворешни граници претставуваат, како и кај сите геополитички и културни имагинации, не само државни граници, туку и културни транзитни простори, во коишто се мешаат јазиците , религиите и идентитетите. Границата од една страна создава идентитет со традиционалното ограничување кон „другото“. Но, таа може и да ги поврзува просторите и да стане мост . Со тоа се намалуваат разликите кон другата култура. Ограничувањата стануваат се потешки. Се создава Third space, како што го дефинира Хоми К Баба, во смисла на непрепознат простор за размислување , или „Не -место“, на коешто се создава новото...Уметноста служи за откривање на скриените потенцијали, а со тоа и за создавање на подобро разбирање на духовниот живот на Балканот, што ќе ги доближи луѓето едни кон други“.
Иако, првично замислена како ликовна колонија која секоја година ќе се одржува во различна балканска земја, претседателот на ИКОН, Климе Коробар, на вчера одржаната прес - конференција посочи дека поради недостиг од потребната институционална поддршка од Министерството за култура за таков вид меѓудржавна соработка, нејзиното второ издание идната година повторно ќе биде во Охрид. Дотогаш, изложбата која скопската публика ќе може да ја види во наредните 15 дена, се планира да биде претставена и во Стразбур
Култната група ИРВИН со пет проекти во Скопје
За потребите на изложбата се позајмени 12 икони од Македонија, за што гостите се бескрајно благодарни
Изложба на пет проекти од култната уметничка група ИРВИН од Словенија, вечерва во 19 часот ќе биде отворена во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје. Душан Мандиќ, Роман Урањек, Борут Вогелник (кои со Миран Мохар и Андреј Савски ја сочинуваат групата) ќе бидат во галеријата еден час порано (18 ч.) и ќе зборуваат за својата уметност, за идеите, целите... Разговорите се отворени за сите љубители на нивното творештво.
ИРВИН запоседнаа три простории во „Мала станица“. Was ist Kunst Macedonia е насловот на еден од петте проекти кој вечерва ќе има светска премиера. Во специјални рамки се изложени 12 икони, позајмени од Заводот за заштита на спомениците и музеј од Прилеп. Пред нив е поставена макета-реплика од посмртниот одар на уметникот Казимир Малевич. Со членовите на групата е дојден фотограф кој ќе ги сними иконите од изложбата. Во таа форма тие ќе бидат презентирани во сите други земји во светот.
- Неизмерно сме ви благодарни што ни дозволивте да ги употребиме овие неверојатни икони. Тие што ја познаваат нашата работа, ја знаат нашата тесна врска со Казимир Малевич и неговата голема важност за нас - рече на вчерашната прес-конференција Борут Вогелник.
Уметниците работат заедно веќе 25 години. Велат дека нивна суштина е да работат во реалноста, преку симболот.
- Долго време сме заедно. Најважно од се' е што успеавме да си овозможиме слобода на изразување. Освоивме доволен простор за уметничко изразување - вели Душан Мандиќ.
Урањек го дополни:
- Причините поради кои почнавме да работиме заедно се многу поинакви од причините поради кои инсистираме ова да го работиме заедно - вели тој.
На вечерашната изложба ќе биде претставен и проектот „НСК Гарда“. Ќе бидат претставени серија од 11 фотографии снимени со вистински војници од 11 држави. Тие го носат знамето на државата НСГ (Neue Slowenische Kunst). Проектот почнал во 1998 година во Тирана. Продолжува со снимки направени во Прага, Загреб, Рим, Грац, Цетиње, Приштина, Кјото, Бишкек, Сараево и во Тбилиси. Вогелник вели дека воопшто не е лесно да дојдете до дозвола војниците да се согласат да се сликаат со знаме на „друга земја“.
- Верувајте, за да ја направиме фотографијата во Загреб, мораше да добиеме дозвола од претседателот Стипе Месиќ. Во земјите од регионов е така речиси 60 години - ако сакате да правите уметност, мора да имате директни средби до двигателите на општеството - објаснува Вогелник.
Тие се обиделе проектот да го реализираат и во нашата земја, но лани не нашле разбирање од страна на „двигателите“.
- Нам не ни се брза. И во Словенија не' одбија - вели Вогленик.
Минатата година Музејот на модерна уметност (МОМА) од Њујорк, еден од петте водечки музеи за современа уметност во светот, откупи 3 дела од творештвото на ИРВИН. Изложбата во „Мала станица ќе биде отворена до 15 декември.
НСК - држава со неограничена уметничка територија
НСК е држава во времето. Таа нема граници, но има пасоши. Речиси се идентични со словенечкиот пасош - имаат ист жиг, ист печат дури и ист потпис од министерот за внатрешни работи. Досега се издадено 4.000 пасоши. Уметниците раскажуваат анегдота кога почна војната во СФРЈ. Нивни колеги со дипломатски пасоши не можеле да ја напуштат земјата, но со пасоши на НСГ слободно се движеле во странство.
- Државата НСГ е неограничена уметничка територија. Особено не радува што за нас има интерес и во земјите од третиот свет. Неодамна дознавме дека во Нигерија има потреба од 1.000 наши пасоши. Најважно е што не ги бараат професионалци, туку обични луѓе. Тоа е еден пост ефект што и нас малку не' чуди - објаснува Урањек.
(В.И.) -Дневник
Was is Kunst Macedonia во „Мала станица“
КАТЕРИНА БОГОЕВА
Словенечката светски позната група ИРВИН, најавувана и на нашите простори како култна, вечерва во 18 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје, пред заинтересираните низ разговор ќе ја претстави својата уметничка работа, а час потоа , во 19 часот, публиката ќе има можност и да ја види нивната изложба составена од 5 проекти, од кои едниот под наслов „Was is Kunst Macedonia“ ќе ја има и својата светска премиера.
Душан Мандиќ, Роман Урањек и Борут Вогелник се тројцата членови од петчлената ИРВИН, кои вчера во „Мала станица“ на прес-конференција го искажаа своето задоволство од добиената можност да работат дела поврзани со Македонија, презентирајќи ги воедно и актуелните размисли поврзани со нивното, светски познато творештво. Во Скопје ќе го презентираат сопствениот осврт на својот уметнички интерес од последните десеттина години, а публиката ќе ги види деловите од проектот: „НСК Гарда“ (сочинет од фотографии од 11 дела), „Процесии (фотографии); Was ist Kunst Macedonia (12 македонски икони , врамени во посебни WIK рамки), „Corpse of Art“ (Проект со посмртниот одар на Казимир Малевич) и „East Art Map“ (проект кој нуди увид и го истакнува значењето на ликовната сцена на источно -европските земји, вклучувајќи ја и Македонија во рамките на кој и ќе биде промовирана истоимено книга едитирана од ИРВИН).
„Во проектот „НСК Гарда“ е претставена идејата на државата во времето, претставена е гардата како армија, како нешто што делува преку границите, во државата без територии. Според нас тоа таа идеја е рефлексија на настаните што се случуваа во поранешна Југославија по деведесеттите години. Во Скопје презентираме проекти кои зборуваат за милиони луѓе кои живеат на пошироката територија, а она што ни е исклучително значајно, е што можевме да направиме за прв пат икони во контекст со Маљевич“ - истакна Роман Урањек, кој направи и хронолошки пресек на идејата Was is Kunst, започната со 12 словенечки уметнички дела изложени во нивни рамки во рамките на проектот Was is Kunst Slovenija, по кој следувала акција во Белград под наслов Was is Kunst Jugoslavija со 12 дела на уметници од поранешна Југославија и последниот Was is Kunst Macedonia сочинет од икони позајмени од Заводот и Музеј од Прилеп. Од овој проект ќе биде направена и фотографија што како трајно дело, ИРВИН ќе го презентира на своите идни изложби.
„НСК Гарда е серија на фотографии која ја работиме веќе10 години, Започнавме 1998 година, со првата акција во Тирана, на првата меѓународна изложба во Албанија. На тој проект се гледа како четири гардисти го чуваат НСК знамето, знамето на НСК државата. Следуваа такви проекти во Прага, Загреб, Италија, Австрија, Црна Гора, Босна. Во Јапонија во Кјото, проектот го правевме со нивните бизнис - менаџери“ - изјави Душан Мандиќ, посочувајќи дека проектот East Art Map на кој ИРВИН работи 10 години е мапа на уметноста на истокот од 1945 до денес, на која соработувале над 60 луѓе од источните земји, а од Македонија Сузана Милевска.
Фотографијата „Процесија“ ИРВИН ја направил пред една и пол година во Марковиот манстир со отец Методиј Златанов, тргајќи од сопствената идеја да направат движечка слика. „Не интересираше начинот на воспоставување на релацијата со стварноста за да ја вратиме сликата повторно во простор во кој на некој начин ја почнува својата кариера и во кој од сакрален објект оди во насока на уметнички објект“ - рече Мандиќ.
Членовите на ИРВИН посочија дека поставената инсталацијата на Маљевиќ во ковчегот е директната копија на телото на големиот мајстор на платното, поставено во Домот на уметниците, реконструкција на оригиналниот ковчег. Тезата на ИРВИН е дека Маљевич свесно ја направил инсталацијата која во тоа време не можела да биде сфатена како таква.
„Главното внимание на проектот е свртено на Was is Kunst Macedonia. Ова дело ќе биде изложувано на изложбите на ИРВИН, а Македонија како култура, како уметност ќе биде презентирана на овој начин што мислам дека е многу значајно за сите нас“, изјави кустосот на изложбата, Горанчо Ѓеорѓиевски.
Утрински весник
Ликовниот уметник Мирослав Масин , вечерва во Културно информативниот центар во Скопје ќе го презентира својот нов творечки опус, циклусот дела под наслов „Риба - птица – жена“.
Изложбата ќе биде отворена во 20 часот и ќе претставува своевиден уметнички хепенинг на кој ќе учествуваат и пријателите на Масин.
Најавен е настап на три балерини кои ќе играат на музика на композиторот Никола Коџобашија , облечени во костуми со ликовни интервенции од сликарот, што ги симболизираат рибата, птицата и жената.
Актерот Сенко Велинов ќе прочита песна од поетот Јовица Ивановски под наслов „Птица што диши на жабри“, а драматургот Дејан Дуковски ја надградил идејата на Мирослав Масин и со текст за драмска сцена:
„Кога ги видов овие платна, помислив на една ЖЕНА. Ја сакав. Од најдолгото влакно на косата до малиот прст на ногата. А, не знаев како. Рече, зошто ја шутираш љубовта од мене. Не ја разбрав. Ја изгубив. Ми се лизна како РИБА и летна слободна како ПТИЦА. Сега насекаде барам една шарена птица. Мислам дека Масин ја видел“.
На вечерашниот хепенинг, на видео-бим ќе биде прикажан и краток филм со наслов „Големиот“, снимен во продукција на „Наше маало“, во кој е прикажана постапката на создавањето на најголемата слика на изложбата, со димензии 5,80 х 3,60 метри. (К.Б.)
Во салата за конференции на Правниот факултет е поставен мозаик чија композиција е проекција на знакот на бесконечноста
Мозаикот на Правниот факултет не е нешто ново, тој доаѓа по период на застој поради одредени прилики во земјава. Поминавме периоди на неколку големи економски кризи, кои се одразија и во оваа област
КАТЕРИНА БОГОЕВА
На Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот„ Св.Кирил и Методиј“ во Скопје на 5 ноември беше промовиран мозаикот „CUPIDAE LEGUM IUVENTUTI“ - „Младината желна за закони“, дело на ликовниот уметник Рубенс Корубин, поставен во свечената конференциска сала. Факултетот и на овој начин го одбележа својот патронен празник, а авторот на мозакот два дена подоцна, говорејќи за презентираната симболика на делото во чиј центар е ликот на императорот Јустинијан Први, фрагментарно превземен од познатите мозаици во Равена, посочи и на потребата од поголема присутност на ликовната уметност во институциите во државата.
„Задоволство ми беше да прифатам еден ваков тематски предизвик, нарачан од Правниот факултет кој ми покажа голема доверба. Со мозаикот е направена врска со ликот на Јустинијан, кој се смета за единствен препознатлив лик, направен во мозаик во Равена, а другите содржини кои сочинуваат целина се додадени. Над ликот на Јустинијан кој се наоѓа над една каскадна пирамида каде се наредени дела од областа на правото на латински пишува „Младината желна за закони“, а позади него е црквата „Света Софија“ во Истанбул, бидејќи императорот бил иницијатор и на многу проекти и од архитектурата, градежништвото. Севкупната композиција е проекција на знакот на бесконечноста, а во неа се содржани неколку обележја, Камениот мост изработен во златен мозаик под кој се вировите на Вардар кои што завршуваат во зголемена претстава на атом, што го симболизира природниот закон чиј дел сме и ние. Од другата страна, пак се неколку најпрепознатливи симболи на човековите напори и стремежи да го протолкува светот: златниот пресек, златната спирала и тетрактисот, симболот на Питагорејците
Ова е прв мозаик на Корубин поставен во образовна институција, што авторот го издвои како посебен момент и во поширок историски и општествен контекст.
„Ова мое прво претставување од ваков вид го сватив како голем предизвик што на овој начин ликовната уметност сега почнува да влегува и во образовните институции. Уметноста би требало да биде внесена не само во приватните домови и во музеите, туку и во институциите од различен карактер. Сите што патувале малку надвор, гледаат дека многу од институциите во другите земји, на некој начин се украсени или збогатени со уметнички дела.Тоа е траен белег и за генерацииите кои доаѓаат по нас. Ми се чини дека Правниот факултет направи вистински чекор, па се надевам дека ќе го следат и други. Секоја институција би требало порано или подоцна, да собере сила и да има желба и амбиција на некој начин да се обележи самата себеси.
Сите работи од духовен карактер кои се материјализирале, имаат повратна енергија и врз сегашните луѓе и врз генерациите кои доаѓаат. Мозаикот на Правниот факултет не е нешто ново, тој доаѓа по период на застој поради одредени прилики во земјава. Поминавме периоди на неколку големи економски кризи, кои секако се одразија и во оваа област.
Во минатото идеите да се влезе со ликовните дела и во фабрика и други институции, навистина не беа лоши, дури можам да кажам дека имаше и извонредни проекти. На тлото на поранешна Југославија постоеа и фабрики половина претворени во музеј. Таква една фабрика постоеше и во градот Пирот во Србија, а во неа беа вработени двајца кустоси. Во неа имаше таписерии, мозаици, фонтани, скулптури од најпознатите тогашни југословенски автори. Имаше луѓе кои инсистираа на таа идеја, а вработените тоа и го поддржаа. Но тоа не се прави наеднаш, бара многу време и континуирано работење.
Знаете како велат „Ни Фидија без Перикле, ни Перикле без Фидија“. Да не бил Перикле, Фидија немало никогаш да го направи Партенон, но и обратно. Едниот работи, ама треба да постои и друг кој ќе има и смелост, визија и желба тоа и да го нарача“.
Како автор и на мозаикот изработен на надворешниот дел од Меморијалниот центар во Пелинце, уметникот на свој начин, укажа на спецификата на ваквите дела поставени на отворено и во затворен простор. „Надворешниот мозаик има посебна игра со светлоста. Дневното светло се менува илјада пати во текот на денот, во сезоната, менливата игра на светлоста нуди понакви доживување. Внатрешниот мозаик е постатичен. Ги нема игрите и промените, но има своја друга енергија и убавина што зрачи“ - вели Корубин.
Паралелно со сликарството и мозаиците завземаат голем дел од неговото творештво
„Како одминуваат годините, се намалува животното време, имате чувство дека желбите, идеите и предизвиците се множат. Работите течат по една природна динамка. Мозаикот е слика во камен, каде убавината на каменот , неговата структура, енергија, доаѓа посебно до израз. Каменот многу припомага да постои една фина енергија. Во сликарството пак немате таква помош. Сликарството е само боја, а со бојата морате да насликате и камен и сонце и светлост. Мозаиците и сликарството се допираат во својата слика но, се и сосема различни“.
Извор: „Утрински весник“