Охрид, 9 март 2012 (МИА) - Во организација на Центарот за културен проток „Артерија“ од Охрид утре во изложбената галерија во „Куќата на Робевци“ ќе биде отворена уметничката изложба „Небо во лицата“ од Ване Костуранов.
- Творештво кое произлегло како резултат на некаков си судир помеѓу сликарски и илустративни импулси. Таквата двојност дава и двојна поетика, би рекле сликарска и илустративна. Иако се јавуваат одредени ликови, сепак е избегната таа персонализација и ликовите се поставени во некаков си имагинарен и до некаде нејасен дводимензионален простор, со мала сугестија на едно модерно време и временски период, со осмислена колористичка вредност, стои во критиката за авторот изготвена од Ели Аиноска - Христовска.
Во рамките на своите активности утре во Изложбениот салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе се промовирана книгата „Патешествие“ на авторот Вера М. Поповска. Станува збор за монографија за животната етика, во која се опфатени и моменти од нејзиниот приватен живот. Ова е петта книга на Поповска која пишува проза и поезија. Досега ги има издадено книгите „Надежи“, „Поглед кон светлината“, „Езерски немири“ и „Опсесија“. аб/паг/12:38