Моќниот проект, неговата комплексност и интригантност, одличната локација на нашиот павилјон, добрата маркетингшка покриеност сето заедно придонесоа во изминативе 4 дена да имаме над илјада посетители, велат организаторите
Македонскиот павилјон на 55. Венециско биенале имаше одлично отворање, проектот на Елпида Хаџи Василева предизвика неверојатен интерес кај публиката.
Како што истакна Џил Хедли на отворањето: „По 20 години од првото претставување на Р.Македонија на Венециското биенале, за првпат се покажува со сериозен проект кој нема да ве остави рамнодушен во секој поглед, поаѓајќи од грандиозноста, монументалноста, моќта на самото дело, преку неговата изведба, посветена работа, промисленост, па се до многубројните комплексни значења кои се преплетуваат во базичниот контекст“.
„Силентио патолоџиа“ е скулптурален објект-инсталација изработен за дадениот простор на прекрасниов објект Скуола деи Ланери во Венеција.
Хаџи-Василева и кураторката Ана Франговска се презадоволни од проект и од неговата финална целина, од посетеноста на павилјонот, од реакциите, од интересот и се во очекување на продолжени и продлабочени презентации на делото и иницијација на наредни проекти и соработки по многубројните остварени контакти.
Извор: Нова Македонија