Нова алтернативна сцена ќе биде отворена утревечер во 21 часот, во клубот „Хавана“ во Скопје, со премиера на претставата „Брод за кукли“ во режија на Нела Витошевиќ. Театарот се вика Wonderland theatre, а е по иницијатива на режисерите Витошевиќ и Васил Христов и Дејан Крајчевски и Васил Ѓуроски од продукцијата „Круг“. Текстот на претставата е на Милена Марковиќ.
Витошевиќ најави дека нивниот театар ќе биде освежување за театарската сцена.
- Сакавме да создадеме простор каде што ќе се избориме да го работиме тоа што сакаме. Во денешно време е многу тешко да успеете да работите без притисок, да изберете сами свој текст и да го поставите на начин каков што сакате. Нашите театри се веќе по малку застарени во програмата и не се многу отворени за помодерни и похрабри текстови каков што е „Брод за кукли“. Со него аплицирав по неколку театри, ама безуспешно. Работевме со многу ентузијазам - рече Витошевиќ.
Во претставата се третира проблемот на жената-уметник во своето општество, зборувајќи за тоа како времето ги изело бајките со кои сме растеле.
Улогите ги толкуваат Ирена Ристиќ, Николина Кујача, Наташа Петровиќ, Славиша Кајевски, Игор Ангелов и Благој Веселинов. Музиката е на Огнен Анастасовски, а костимите - на Росица Мршиќ. За Ангелов, „претставата е многу искрена и бескомпромисна“. (С.Ѓ)