Скопје, 16 април (МИА) - Над 70 филмски наслови, од кои голем дел наградени или учесници на светски фестивали, ќе бидат прикажани на 13. Скопски филмски фестивал, кој ќе се одржува од 21-ви до 29 април. Фестивалот ќе биде отворен в среда во кино „Милениум“ со шпанскиот филм „Јас, Дон Џовани“ на режисерот Карлос Саура.
Во главната програма се уште осум филмови снимени минатата година - „Антихрист“ на Ларс фон Трир, „Живот за време на војна“ на Тод Солонц, „Сериозен човек“ на Итан и Џоел Коен, „Граници на контролата“ на Џим Џармуш, „Лошиот поручник: Њу Орлеанс“ на Вернер Херцог, „Браќа“ на Џим Шеридан, „Барија“ во режија на Џузепе Торнаторе и „Правот на времето“ на Теодорос Ангелопулос. Нивната проекција е во вечерниот термин на деветте фестивалски денови.
- Иако е 13-ти по ред, годинашниот фестивал е среќен, зашто годинава се отвори киното „Миленуим“. Белег и на ова фестивалско издание е богатата филмска програма и во Кинотеката и во кино „Фросина“, како и интересни проекции во некои локали низ градов и прикажувања во рамки на „Велофест“, рече прес-конференција Иво Антов, директор на СФФ.
Фестивалот ќе има и Special Screenings со девет филма, програма на авторски филм со шест наслови, музички документарци, кратки филмови и посебна програма „Балкански краток филм“ за која ќе има и награда за најдобриот.
Во рамки на СФФ од 22-ри до 27 април Кинотеката ќе организира ретроспектива на филмови режирани од Федерико Фелини, со што ќе бидат одбележани 90 години од неговото раѓање. Гостин на СФФ ќе биде Виторио Боарини, директор на Фондацијата „Фелини“ и соработник на славниот италијански оскаровец. Антов рече дека тој ќе биде и единствениот гостин на фестивалот, зашто бил слаб одѕивот на спонзори, а приоритетот на СФФ била добрата и богата филмска понуда.
За затворањето на фестивалот организаторите најавија изненадување, но не го откриваат насловот на филмот. За крајот на 13. СФФ ќе има и концерт - во Младинскиот културен центар ќе гостува групата „Дисциплина кичме“.
За фестивалот е подготвен и спот со слоган „Гледајте филмови на вистинскиот начин!“. Цената на влезниците за филмовите во кино „Милениум“ е 100 денари, а дневниот билет за четири проекции е 250 денари. хс/скс/14:07