Бугарскиот режисер Рангел Валчанов ќе го добие признанието „Астер“ за високи достигнувања во авторскиот филм во Југоисточна Европа и пошироко, на „Астерфест“, што ќе се одржи од 27 мај до 31 мај во Струмица Валчанов ќе присуствува на отворањето на фестивалот кога ќе му биде врачено признанието. Во рамките на фестивалот, во предворјето на манастирот „Вељуса“ ќе се одржи и портрет посветен на неговото творештво.
Валчанов е автор на многу играни и документарни филмови за кои освоил престижни награди на фестивалите во Мелбурн, Сан Франциско, Карлови Вари, Кан, Москва. Меѓу неговите најпознати дела се филмовите „На малиот остров“, „Лакираните чевли на незнајниот воин“, „Мечтател“, „А сега каде?“, „Лице под маска“, „Индија, љубов моја“, „Сонцето и сенката“ и др. Признанието на „Астер-фест“ до сега го добиле Бранко Гапо, Карољ Вичек и Лордан Зафрановиќ.
На петтото издание на фестивалот ќе бидат прикажани 50-тина филмови, од кои десетина документарци во официјалната програма, кои третираат теми што ја засегаат ЈИЕ. Тие ќе бидат сместени во програмата „Астердокс“. Други категории се „Мувиленд“, годинава посветена на српската кинематографија, „Посвети“, „Мери-Дионс“, „Една жена/еден филм“, а за прв пат ќе има и блок анимирани филмови. Освен филмови, во античката Терма во Банско ќе има инсталација од коверти адресирани до фестивалот во петте години, со оригинални поштенски жигови и марки од речиси 70 држави.Фестивалот го поддржуваат Општината Струмица и Филмскиот фонд.