Скопје, 9 април (МИА) - Конкурсот за 2010, Филмскиот фонд годинава ќе го распише кон средината на месецов, а не во мај како досега. Директорот на Фондот Дарко Башевски на прес-конференција информираше дека од филмовите кои беа одобрени за 2009 година завршени се краткиот „Радост“ на Ален Русјаков и документарните „Чедо“ на Аљоша Симјановски и „Кадаре“ на Алберт Дилот.
Чешко-македонската копродукција „Созерцание“ („Јосифовиот пат“) веќе имаше премиера во Чешка.
Филмскиот финд ќе иницира промена на Законот за филмски фонд и донесување нов закон за аудиовизуелни дејности.
Исто така, Фондот со Министерството за култура треба да дефинираат како и кој ќе ги финансира филмските фестивали.
Башевски рече дека имаат и идеја за развивање на киномрежата низ Македонија која сега е замрена.
- Македонија се сведе на две киносали во Рамстор, а остантите згаснаа поради децентрализацијата или згаснувањето на некои дистрибутери, а и пиратеријата има заслуга за тоа. Мојот план е да направиме скенирање на состојбата каде има се уште услови за кинодејност, па да направиме проект за заживување на кино мрежата. Европските фондови се отворени за дигитализација на киномрежите особено во неразвиените држави и за да аплицираме пред нив мора да имаме киномрежа, а сега со две киносали ние ја немаме, рече Башевски.
Тој информираше дека Филмскиот фонд почнал да соработува со Фондот од Израел од каде очекува поддршка и пренесување искуства.
Фондот, исто така, станал и член на Асоцијацијата за промоција на европскиот филм. хс/са/11:38