Скопје, 24 февруари (МИА) - Седум долгометражни играни филмови, еден краткометражен игран, девет документарни и два анимирани филмa се влезени во Програмата за филмска дејност на Филмскиот фонд за 2009 годинава, чиј вкупен буџет изнесува 100 милиони денари.
Како што информира на денешната прес-конференција директорот на Филмскиот фонд Дарко Башески, изборот го направил Управниот одбор на фондот во конкуренција на 41 играни филмови, 31 краток и 53 документарни филмови кои аплицирале на двата конкурса распишани во 2008 година.
Најголема забелешка на Фондот е кавилтетот на понудените сценарија, кои најчесто ги пишуваат режисери, како и преголемите буџети за поднесените филмови кои се нестручно изготвени.
- Оние кои се потпишуваат како продуценти треба да знаат дека буџетот не е список на желби, туку претставува калкулација за колку пари продуцентит знае да го заврши филмот. Ако некој продуцент конкурира со буџет од 180 илјади евра за краток филм, а од сценариото не се гледа ни приближно таа сума, за нас значи дека продуцентот не знае да направи филм. Од друга страна имаме традиција на пумпање на буџети секогаш кога се аплицирало и никој не може да ги ревидира тотално буџетите затоа што реалниот буџет го знаат продуцентот и режисерот, но може да се направи приближна калкулација и да се процени приближно вредноста на флмот, рече Башески.
Поради тоа Филмскиот фонд ќе ги заостри критериумите за добивање поддршка, а филмовите, особено играните, кои ќе добијат поддршка ќе имаат рок од една година да ги затворат буџетите бидејќи има примери на филмови кои се влечат предолго.
Од долгометражните играни филмови, единствено „Трето полувреме“ на Дарко Митревски има добиено 500.000 евра, што е 10 отсто од вкупниот буџет на филмот, и е највисока сума што може да се додели по игран проект, а како што вели Башески бил еден од најквалитетните проекти. Следат „Чекајќи ги парите“ на Слободан Деспотовски, „Мојот брат Лазар“ на Светозар Ристовски и „Татко“ на Шќипе Нуредини. Преостанатите три филма се малцински копродукции и тоа „Мисија Лондон“ на Димитар Митовски е бугарско-унгарско-македонска копродукција, „Како да ме нема“ на Хуанита Вилсон е ирско-швеедско македонска копродукција, а ќе биде комплетно снимен во Македонија и „Нормал“ на Јулиус Шевчик чешко-македонска кпродукција.
Кај документарниот жанр, доминираат филмови кои се со промотивен или лобирачки карактер за државата, а горниот лимит по филм што го дава Фондот е три милиони евра, и тоа доколку се снима надвор од државата.
„Крајот на светот“ во режија на Јани Бојаџи е единствен краткомтражен игран филм кој практично ќе биде дофинансиран. Слична е состојбата и со „Кеш енд Мери“ на Атанас Георгиев кој е во групата на девет документарни филмови и со „Вистинската приказна за Хенсел и Гретел“ на Гоце Цветановски. Башески појасни дека сите овие филмови претходно биле поддржани од Министерството за култура, а за да се заокружи нивната постпродукција им биле доделени релативно мали средства.
- Ова се последните филмови кои ќе бидат дофинансирани, а се снимани со поддршка на Министерството за култура. Понатаму ќе продолжиме со филмовите кои се финансират само од Филмскиот фонд и кои нема да бидат дофинансирани, рече Башески.
Тој истакна дека се размислува конкурсите што во мај и септември ќе бидат распишани од Фондот за следната година да бидат поделени според типот на филмот за растоварување на работата при вршењето на изборот.
Запрашан за проектот „Добредојдовте во Македонија - 220 сончеви денови за снимање“, Башески со став дека земјата има што да понуди и е привлечна за странските филмски продукции затоа што на мал радиус има различни конфуигурации на терен, но неопходно е да им се излезе во пресрет со промоција и поддршка.
- Ниедна странска инвестиција нема да остави толку многу кеш пари колку филм што ќе се снима месец или два во Македонија, рече Башески. Даночни ослободувања или поддршка од локални комисии се модели кои се применуваат во некои земји. ва/са/14:22