Скопје, 26 јануари (МИА) - Какви филмови и требаат на Македонија, дали е поважен буџетот или сценариото, како да се аплицира кај фондовите за снимање филм и како тој потоа да се дистрибуира и да допре до што поширока публика. Можни решенија за овие долгодишни проблеми во македонската кинематографија денеска предложија режисери и продуценти, на трибината „Иднината на македонскиот филм“ организирана од Филмскиот фонд и Кинотеката на Македонија.
За режисерот Слободан Деспотовски и продуцентот Иво Антовски, треба да се почне од квалитетно сценарио зашто се зависи од него. Продуцентот Роберт Насков, пак, смета дека доброто сценарио е предулов, но не и гаранција за добар филм, а според Борис Дамовски за да има напредок треба да има обем и за квалитет треба квантитет.
Од друга страна, Дејан Илиев, до неодамна директор на Филмскиот фонд на Македонија, рече дека се зависи од парите кои се на раполагање и оти без оглед што замислил сценаристот, режисерот тоа треба да го вклопи во финансиите. - Со годишен буџет на Фондот од два до два и пол милиони евра и со еден филм годишно или на година и пол до две, не може да се зборува за развој на филмското творештво, рече Илиев.
Томи Салковски, директор и кинематографер, смета дека средствата од Фондот треба да се распределат по проценти и да се финансираат филмови од македонски автори, на македонски режисери и на македонски јазик. - Треба да се направи и регултава за дебитантските филмови, на пример тоа да биде буџет од 30.000 евра и потоа да се снаоѓа сам, а не Фондот да дава огромни пари за дебитант. Треба да се најдат и алтернативни решенија за полнење на буџетот на Фондот, а не тоа да бидат само државни пари, рече Салковски.
Според режисерот Игор Иванов, за стратегија за развој на филмската индустрија треба да се формира ново тело или филмски институт зашто, како што рече, Фондот е бирократска институција која спроведува, но не носи стратегии.
Беше отворено и прашањето какви филмови успеваат на пазарот. Според некои од учесниците, „опасна стапица“ е да има конкурс за тематски филм и оти Фондот треба да биде поддржувач, а не нарачател на филмови. Актуелниот директор Дарко Башевски го пренесе искуството од Чешка, каде што има селекција во поддршката на филмовите во зависност од нивната содржина. Во развиените земји филмските фондови се внатрешно структурирани, за финансирање современи филмови и од национален интерес.
За Деспотовски, секој добро направен филм, независно дали е со национална тема, ќе биде од национален интерес ако се пласира во светот и со тоа најдобро ќе ја промовира државата.
Различни мислења имаше и за начините за пласман и дистрибуција на филмот. Според Игор Иванов, фестивалите се отскочна штица за експанзија на филмот. - Филмот треба да се пласира на фестивали од што повисок карактер, а потоа ефектите ќе си доаѓаат сами по себе, рече тој.
Наспроти него, Илиев со мислење дека државата треба да инвестира во киноприкажувањето во земјава за филмовите и нивните автори да стигнат до што поширока и побројна публика. Тој смета дека тоа може да се реализира во општинските домови на културата, со мала инвестиција по принципот јавно-приватно партнесртво. Стимулативен механизам, според него, е на режисерите и продуцентите да им се овозможи парите што повратно ќе ги добијат да ги задржат и да ги искористат за следниот филмски проект. хс/са/12:46