14/04/2018 - 14:12 Вести, Култура
Новиот македонски игран филм „Година на мајмунот“ во режија на Владимир Блажевски ќе го отвори годинешното издание на Скопје филм фестивал, на 19 април.
До 26 април ќе се прикажуваат повеќе од 50 филмови, но и ќе се одржуваат работилници, а ќе има и гостувања на нови европски филмски имиња. Година филмската ретроспектива е посветена на Алфред Хичкок.
Филмовите се распоредени во седум програми, меѓу кои се: Програма на авторски филм, Панорама на светски филм, Македонска продукција, Фокус на француски филм, Програма на Европски филм, Ретроспектива на Хичкок, а од ова година со гордост ја најавуваме новата фестивалска програма Квир фокус.
До 26 април, публиката на Скопје филм фестивал, во Програмата на авторски филм, чиј селектор е Татјана Јаневска, ќе може да го види „Вина“ на Густав Мулер, кој освои награди на фестивалите во Ротердам и Санденс. Новиот филм на Паоло Тавиани „Виножито, приватна афера“, а го имаме и филмот што освои 5 награди „Цезар“ на Алберт Дупонтел „Ќе се видиме таму“.
Во програмата Панорама на светски филм, ќе се прикажуваат филмовите како норвешкиот „Телма“во режија на Јоаким Трир, мароканска драма „Разиа“, потоа аргентискиот „Самит“ на режисерот Сантијаго Митре.
Годинава, фестивалската публика ќе може да ги види и најдобрите француски филмови во програмата Фокус на францускот филм, чиј што селектор е Навид Сарем а во рамки на програмата на Краток филм селекторите Владан Петковиќ и Алексеј Дмитров ги избраа најинтересните краткометражни филмови
Во програмата Европски филм, на ова фестивалско издание ќе се прикажуваат четири филмови, меѓу кои „Pure Hearts“, „Valley of shadows“ и бугарскиот филм „3/4“ на режисерот Илиан Митев, кој победи на фестивалот во Локарно.
Како што информираат од фестивалот, од оваа година започнува со реализација на програмата „Квир фокус“ во која ќе бидат прикажани филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело ќе прераскажуваат приказни што креираат еден нов културен простор.
„Низ политика на репрезентација преку филмската уметност, фестивалот ќе направи обид да отвори теми кои извираат од квир културата, да преиспитува контексти, искуства и идеи низ филмскиот кадар ида создаде инклузивно место каде што ќе се артикулираат гласови од маргините. И кога тие гласови се чуени, се дава можност да станат дел од култура која менува, култура на отпор која го обликува општеството во кое едни ќе учат за постоењето и прифаќањето на различностите, додека други ќе учат да го заборават досега наученото за да почнат да се сакаат себеси. Без некоја посебна тематска одредница, со неколку филма ќе се обидеме да отвориме теми како што се: репресираната хомосексуалност, себеугнетувањето и скриеноста, отуѓувањето на квир субјектите и нивните идентитети во дигиталниот простор, угнетувачкиот и исклучувачки карактер на хетеронормативните семејни вредности и религијата, па сѐ до приказ на еден провокативен антиестаблишментски радикален лезбејски феминизам“, велат организаторите.
Селектор на оваа програма е Александар Ковачевски.
Во рамки на програмата, ќе има и промоција на книга што се занимава со апсектите на себеугнетувањето на геј луѓето, а низ предавање и дискусија ќе се направи осврт на квир киното и неговата историја, со излагањата на двајца предавачи и секако, низ дискусијата и мислењата на публиката.
Во програмата Македонска продукција фестивалот ќе прикаже вкупно 8 македонски филмови.
Скопски филмски фестивал за својата публика подготви Ретроспектива на Алфред Хичкок, во рамките на која ќе бидат прикажани пет негови филмови.
Во рамки на годинашново издание на Скопски филмски фестивал во ќе се одржи работилница и промоција, како и разговори со гостите од странство.
Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е младиот македонски дизајнер Ѓорѓи Десподов.
Програмите на 21. издание на Скопје филм фестивал ќе се одржуваат во кино „Милениум“, Кинотека на Македонија и кино „Фросина“.