РЕЦЕНЗИЈА: „ДО БАЛЧАK“, Македониjа 2014, режиjа: Столе Попов
Успешно кинематографско пенетрирање
Несомнено и за светската кинематографија, воопшто, е мошне редок случајот од првата средба со сценариото до премиерата на еден филм да поминат три децении. Македонската приказна на Горан Стефановски конечно преточена во филмот на Столе Попов „До балчак“ ја има токму таквата судбина. За среќа, оваа приказна го има среќниот крај и филмот е веќе дел од нашиот кинорепертоар.
И веднаш: по долги години откако заборавивме како изгледа еден достоен (читај: пристоен) филм од нашата кинематографија, конечно можеме да здивнеме бидејќи пред нас е филмско остварување, кај кое преовладуваат добрите нешта: впечатлива режија, издржани актерски креации, прекрасна фотографија, музика што ве обзема...
Приказната н` навраќа во годините од првата деценија на минатиот век кога Македонија е дел од Отоманската Империја. Сценариото на Стефановски (Попов се појавува и како косценарист) ја носи вечно актуелната нишка на неопходност од самодокажување на ова парче земја, вешто дополнувајќи ја неговата судбината со богатството од харизматични карактери „искршени“ низ потрагите – по слобода, правда, љубов... Возот „Ориент експрес“ носи една самоуверена млада европска дама придружувана од млад македонски интелектуалец. Попатната станица ~ ја нуди можноста да запознае еден турски офицер и еден бескомпромисен комита. На несекојдневниот љубовен четириаголник му се надоврзуваат уште цела плејада умешно осмислени ликови доловувајќи автентична слика на една епоха...
Столе Попов е еден од нашите водечки режисери („Среќна Нова 49-та“, „Тетовирање“, „Црвениот коњ“, „Џипси меџик“). Радува што паузата од повеќе од 15 години откако го сними својот претходен целовечерен игран филм, воопшто не влијаела врз застарување на неговиот авторски печат. Справувањето со огромниот продукциски товар е во манир на голем мајстор и единствено што може (иако и не мора) да му се забележи е неискористената можност да отфрли неколку од сцените (особено тие со повторено случување, како „комитското безделничко заседнување во кафеаната“) без кои динамиката од дејството во првиот час од филмот би се задржала и во вторите (евентуално) 60-ина минути, со што (можеби) комплетниот ефект би бил посилен.
Радува и работата на кинематограферот Апостол Трпески, кој по „Џипси меџик“ повторно соработува со Попов и дава значаен придонес со прецизното функционирање на камерата „која знае што сака“. Суптилно супериорни се моментите во рацете на креативците за визуелни ефекти од веќе светски афирмираните, а наши ФХ/3Х. Безмалку жив лик се и костимите на Емилија Ивановска-Атанасовска, а прецизно осмислена - сценографијата на соработникот на Kустурица, Миленко Јеремиќ. Музиката на Дуке Бојаџиев едноставно не сакате да престанете да ја слушате...
И конечно, улоги што заслужуваат да бидат посебно поздравени. Словенечката актерка Инти Шрај е уверлива и автентична носителка на нештата што судбински се испреплетуваат околу неа. Сашко Kоцев докажа дека може многу кога има соодветна партнерка покрај себе. Мартин Јорданоски плени со сигурната интерпретација на учтивата невиност и идеализам. Тони Михајловски е во својот полнокрвен актерски елемент. Просторната ограниченост е единствената причина што само со пофалба ќе минат впечатливите епизодни улоги на Драган Спасов-Дац, Владо Јовановски, Предраг Манојловиќ, Kамка Тоциновски, Искра Ветерова,...
„Е.ати животот ако не си спремен да умреш за него“ е мотивот на „До балчак“, што по подолго време во македонската кинематографија потсетува дека вреди жртвата за да се направи добар филм.
Антонио Цифро
Дневникhttp://dnevnik.mk/?ItemID=5915FEE500BDC94488A8BE62B059B85D