Програмата за јубилејното десетто издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ којшто ќе се одржи 27 до 31 мај во Струмица, веќе е заокружена и изобилува со привлечни и актуелни филмски наслови. Се очекува на отворањето да им бидат врачени наградите на овогодишните лауреати, на режисерот Борис Геретс и актерката Љупка Џундева. Исто така, на фестивалот треба да пристигнат и повеќемина млади но и поискусни филмски автори за да ги претстават своите филмски дела.
Во програмата „Глобална фикција“ составена од кратки играни филмови влегоа: оскаровецот „Хелиум“ на Андерс Валтер од Данска, „Добро време за умирање“ на Сенад Абдули од Македонија, „Девојката што избега (исплашена) од светот“ на Џони Харн од Англија, полските „Бирди“ на Ева Кочанска и „Жар“ на Бартош Крухлик, „Амел“ на Море Раца од Косово и „Гори светот“ на Џастин Океј од Канада. Во креативната документарна програма „Ѕвездени документи“ влегоа филмовите: минатогодишниот победник од Локарно „Рафаеловиот пат“ на Италијанецот Алесандро Фалко, „Калуш што мислев дека го познавам“ на познатиот Бернард Дичек од Израел, „Измет врз бедата“ на Индиецот Вијај Јода, босанскиот „Небо“ на Дино Касало, „Звуци за Мазин“ на Ингрид Камерлинг од Холандија. Во анимираната компетиција „Анимоушн“ има исто така ексклузивни филмови, како што се: оскаровецот „Г-дин Хублот“ на Лорент Витз од Луксембург, „Блок“ на Британецот Лига Стеда, епизода од „Литературните мистификации“ на Јорис Клерте од Франција, „Веслач“ на Лука и Душко Шево од Србија и „Најблиски и најдраги“ на Макс Штор и Михаел Зибер од Германија.
Куриозитет е што во програмата „Мувиленд“ овој пат ќе се прикажат шест наградувани кратки играни филмови од Австрија – „Прв поглед“ на Јулијана Неухубер, „Скок во времето“ на Андреас Реизенбауер, „Сестра“ на Михаел Ритмансбергер, „Постмодерни времиња“ на Јулија Фрик, „Нечуен“ на Зигмунд Скалар и „Последниот гостин“ на Маркус Енгел. Исто така, подготвен е посебен ретроспективен блок на интересни домашни кратки играни филмови од поновата продукција: „Намини бар еднаш“ на Косара Митиќ, „409“ на Даријан Пејовски, „Материјал за аудиција“ на Ѓорче Ставрески, „Влакна“ на Елеонора Венинова, „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“ на Вардан Тозија, „Синот“ на Марко Ѓоковиќ, „Мал дисконтинуитет во време-просторот“ на Гоце Цветановски и „(Не)нормален“ на Ице Виранов.
На филмската селекција во одделните програмски категории работеа: Сунчица Уневска, Гена Теодосиевска, Влатко Галевски и Марјан Захов-Пецев.
На крајот од фестивалот, во чест на наградените, ќе се прикаже документарецот „Човек-сенка“ на Борис Геретс, филм кој беше прикажан на ИДФА и на други места, а веќе е селектиран и за фестивалот во Нион.
Покрај проекциите, ќе се одржат Астер портретите и Тивериополските филмски беседи во манастирот Воведение на Пресвета Богородица Елеуса во Велјуса, а ќе има и мастер клас за младите филмаџии и љубители на филмот. Покрај тоа, организаторите ќе објават специјална публикација која ќе го носи името „Ново и старо“, што е овогодишно мото на фестивалот.
Мајското чествување во знакот на „Астерфест“ симболично започнува со роднокрајниот автор-режисер Бранко Ставрев и со неговиот краток и документарен филмски опус. На 7 мај (среда) со почеток во 19:30 час. во малата сала на НУЦК „Антон Панов“ ќе бидат прикажани четирите кратки филмови на Ставрев: „Очи“ (1969), „Човек во црно“ (1970), „Село во срцето вселено“ (1987) и „Змиска пепел“ (1993). Филмовите се проектираат во соработка со Кинотеката на Македонија и МТВ.
„Астерфест“ оваа година е финансиски поддржан од традиционалните покровители на манифестацијата – Општина Струмица и Министерството за култура, како и од Европската унија, Амбасадите на Австрија и Германија и Агенцијата за филм на РМ.
X annual ASTERFEST - Strumica (27-31 May 2014)