Израел изгради ѕид пред базиликата на Исусовото раѓање во Ерусалим
ВИТЛЕЕМ – Туристите-христијани што оваа седмица доаѓаат во Витлеем за да го прослават раѓањето на Исус ќе наидат на бетонски ѕид со стражарници, изграден од страна на Израел во близина на Ерусалим и Базиликата на Исусовото раѓање. Во пораката, за да се потсети светот за постоењето на ѕидот, Палестинската ослободителна организација (ПЛО) соопшти дека ѕидот симболизира „Божик без надеж“ за античкиот град каде што нормалниот живот е поделен и задушен од израелските мерки за безбедност.
Израел почна да гради нов ѕид во окупираниот Западен Брег кога втората палестинска интифада почна со крвави самоубиствени бомбашки напади врз израелски кафулиња и автобуси во првата половина од оваа деценија. „Израелците живеат во сенката на огромниот страв што ги спречува да донесуваат храбри одлуки да и' стават крај на борбата“, изјави Јорданецот Фуад ал Туваи, латински патријарх на Светата земја. „Ѕидот на одвојувањето е физичко присуство што го отелотворува тој страв“, изјави тој во неговиот годишен божикен говор.
Меѓународниот суд на правдата го прогласи ѕидот, кој на некои места е висок околу осум метри, за нелегална градба поради тоа што е изграден на територија што Израел ја окупираше во војната во 1967 година, територија каде што Палестинците се надеваат да ја формираат својата држава. „Првпат во 2.000-годишната историја на христијанството, Витлеем и Ерусалим ќе бидат одвоени еден од друг, по завршувањето на израелскиот ѕид во северниот дел од Витлеем“, се наведува во пораката на ПЛО.
Локалните жители велат дека ѕидот веќе претставува сериозна пречка во животот, иако е очигледно дека тој се' уште не ги одвраќа туристите и верниците. „Оваа година очекуваме околу 40.000-50.000 туристи од цел свет да дојдат во Витлеем за божикните прослави“, изјави Колуд Даибес Абу Далех, министер за туризам во палестинската власт.
Палестинците го критикуваат ѕидот како начин за запленување на територија, како и средство за консолидирање на спорната контрола врз цел Ерусалим од страна на Израел. Меѓутоа, Израел посочува дека ѕидот, ограда обезбедувана од армијата по должината на поголемиот дел од неговото протегање на 400 км или нешто повеќе, може да биде демонтиран, но се' уште не. Последниот самоубиствен бомбашки напад во Израел се случи пред три години, кога загинаа тројца Израелци во црвеноморското одморалиште Еилат.
Голем број од туристите што доаѓаат за Божик се Палестинци, христијани од Израел и од Западниот Брег, вклучувајќи и неколкумина од појасот Газа, кој е под израелска блокада, а е контролиран од исламистите на Хамас што се спротивставуваат на мирот со Израел. Извори од Газа тврдат дека израелските власти оваа седмица и' соопштиле на црквата дека ќе им дозволат само на 200 од повеќето од 700 туристи да ја посетат. „Последниве четири години имаше забележително подобрување во секторот туризам, и овој сектор значи и подобрување на сите економски перформанси“, изјави Самир Хазбун, претседател на Комората за трговија и индустрија на Витлеем. „Меѓутоа, тоа не ги реши нашите економски проблеми. Како можеме да го промовираме Витлеем како света туристичка локација додека е опколен со грд бетонски ѕид?“, изјави тој.
Патријархот Фуад предвиде најздрав комерцијален Божик за Витлеем од почетокот на интифадата во 2000 година. Ќе биде „како во 2000 година кога имаше рекорден број туристи во историјата на аџилакот“, изјави тој. Но, не станува збор за трговија. „Најдобриот подарок кон кој тежнееме е поголем од пари или богатство, тоа е мирот“, изјави тој. „Тој е желба на сите што живеат на оваа земја, Палестинци и Израелци“.
Минувајќи низ железни врати на пат од Ерусалим кон Витлеем, годинашните туристи ќе забележат огромен знак закачен на стражарницата на израелската армија. На него пишува: „Мир нека е со тебе“. (Ројтерс)
Извор:
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=70166602C57E4946A56B20648018682D