Студентите во Македонија веруваат во суеверија и магии?!
Фрапантни податоци. Младината затруена со суеверие и опседната со гатачи. До вакви податоци дошла професорката Татјана Стојановска, истражувајќи ја оваа проблематика. Според истражувањата над 35 насто од студентската популација преземаат одредени ритуали пред да полагаат испит верувајќи дека тоа ќе им помогне да ја добијат фамозната шестка.
Ако порано суеверието најчесто се врзуваше за возрасната и помалку образованата популација, сега состојбите се поинакви. Се поголем број од младите влегуваат во лавиринтот на гатањето и ритуалите со кои сакаат да решат дел од актуелните проблеми или да си ја дознаат иднината.
- Интересно е што поголем дел од нив пишуваат со исто пенкало за испит верувајќи дека пенкалото им носи среќа. На испит по мојот предмет еден студент почна да плаче бидејќи му откажало пенкалото кое му носи среќа. Да не зборувам за носење иста маица, за некапење пред испит и по неколку дена, а уште повеќе за активностите што ги презамаат за да имаат среќа во љубовта – објаснува д-р Татјана Стојановска, професор по социологија на религии.
Разочараност, апатичност се најчести причини за кои спасот се бара во религијата, но ова што го прават младите е извртување на религијата. За ваквата состојба професорката за виновни ги смета и медиумите кои ги рекламираат гатачите, бајачите, толкувачите на соништа, нумеролозите. Сите тие самоуверено ја нудат својата помош, гарантирајќи со својата чест дека ќе успее третманот. Запознавањето со религијата позитивно може да влијае врз искоренување на ваквите појави.
- Јас сум за изучување историја на религиите. Затоа што сметам дека ако се стави акцент на етичкиот момент, на моралната изградба на младите во време на ерозија на вредностите, религијата ќе има функција морално да го надгради младиот човек – истакна д-р Татјана Стојановска, професор по социологија на религии.
Нашите, младите не се единствени кои се зафатени со гатачка треска. Според професорката, целиот Балкан боледува од оваа болест, но Македонија се котира на врвот од листата.
Наташа Јанчиќ
Извор: МТВ
Преземено од: Факултети.мк
http://www.fakulteti.mk/news/11-08-23/studentite_vo_makedonija_veruvaat_vo_sueverija_i_magii.aspx