Со овој модел ќе се поттикне приватната иницијатива во културата и во развојот на креативните индустрии што ќе придонесе за позитивна и стимулативна конкуренција, вели министерката Kанческа-Милевска
Министерството за култура и културниот центар „Интерарт“ станаа рамноправни партнери во областа на современиот танц. Тие потпишаа договор за соработка за следните три години со кој ќе се финансираат програмите на центарот. Договорот ќе се реализира со поддршка на проекти преку Годишната програма за култура. Министерката за култура Елизабета Kанческа-Милевска вчера истакна дека Министерството ги препознало вредностите кои овој центар ги развива на полето на развојот на современата танцова сцена во Македонија во последниве 16 години.
- Со овој модел ќе се поттикне приватната иницијатива во културата и во развојот на креативните индустрии што ќе придонесе за позитивна и стимулативна конкуренција. Апелирам до сите субјекти во културата кои работат на развојот на независната културна сцена да ги следат овие чекори бидејќи ние навистина сме отворени за продлабочување на оваа соработка – рече Kанческа-Милевска.
Директорката на „Интерарт“, Рисима Рисимкин рече дека овој договор н` става рамноправно со светските трендови и с` она што значи начин, работа и делување во културата.
Министерството за култура направило поопсежна анализа која покажала дека треба да се направи и мала реорганизација во Македонската опера и балет со која во наредната година во конкурсот тие ќе бидат обврзани да конкурираат со поголем број современи балетски дела.
Уметничкиот директор на Балетот, Горан Божинов истакна дека за разлика од порано во последниве години МОБ на секои шест-седум класични има по три-четири современи претстави. Тој додаде дека внимаваат да ги следат европските балетски трендови што подразбира негување на современиот танц во рамките на нивните можности.
(М.Л.)