Кај Штип пронајдена населба од најраната фаза на неолитот
Локалитетот Грнчарица најстарата рано неолитска населба
Штип, 19 ноември (MИA) - На локалитетот „Грнчарица“ во близина на селото Крупиште, е откриена рано неолитска населба во Македонија.
Според тимот археолози што работи на локалитетите долж цевководот на Хидросистемот „Злетовица“, станува збор за најголемото откритие од каменото време.
- Со поставувањето на првите сонди наидовме на предмети и керамика што всушност го определувааат овој локалитет и го лоцираат во неолитот, некаде околу 6.000 години п.н.е. Претпоставките се дека станува збор за локалитет од првата фаза на неолитот што досега не можевме да ја фатиме поради што овој локалитет е многу значаен и во понатамошните истражувања во поврзувањето на сите фази од неолитот, изјави Трајанка Јовчевска раководител на археолошкиот тим.
- Веќе сме влезени во живеалиште, куќа од времето на неолитот, со преградни ѕидови карактеристични за тоа време, но колку ќе успееме со овие заштитни ископувања да истражиме една цела куќа е отворено прашање бидејќи ние во основа не знаеме како изгледале куќите во раниот неолит, објасни Јовчевска.
Истражувањата на локалитетот „Грнчарица“ ги отежнуваат и последните врнежи поради што се работи со прекини.
- Во услови на дожд е многу тешко да се работи со оглед на тоа дека станува збор за населба од неолитот во кој немаме некоја цврста градба туку се следат нијансите на земјата, единствена олеснителна околност е тоа што конструкцијата на целата населба е направена на карпа, а не на земја поради што барем не ги губиме основите, додаде Јовчевска.
Јовчевска нагласи дека огништето на луѓето од каменото време било надвор од куќите. На истражувањето на ранонеолитската населба и на римската некропола на локалитетот „Грнчарица“ работат околу 30 луѓе. „Грнчарица“ е еден од 20-те археолошки локалитети што треба да се истражуваат долж цевководот на Хидросистемот „Злетовица“.
Раководителот на археолошкиот тим Трајче Нацев истакнува дека ова е најголемата археолошка акција во Источна Македонија која ќе трае се до септември 2008 година. вд/гс/9:08
Откриената куќа ќе фрли повеќе светлина на начинот на живеење пред шест илјади години
Иван Бојаџиски
Штип - Населба од најраната фаза на неолитот, единствена од таков вид во Македонија е пронајдена во близина на Штип. Екипа археолози, која работи на теренот во близина на селото Крупиште, населбата ја детектира кај месноста Грнчарица.
- Имавме голема среќа да наидеме на локалитет од исклучително значење за археолошката наука, доста редок на нашите простори. Теренот е каллив и мошне тежок за работа поради обилните дождови, а археолошкиот материјал го нема на површината бидејќи е сконцентриран во подолните слоеви, вели археологот Трајанка Јовчевска, раководител на проектот.
Јовчевска потенцира дека сондирањето на теренот на кој е лоцирано археолошкото наоѓалиште покажало оти се работи за најстарата населба од времето на неолитот во нашава држава. Таа е дел од првата фаза на Амзабегово-Вршничката група која археолозите досега не можеле да ја фатат во пошироки рамки. Таа твди дека токму поради тоа важноста на овој локалитет за археолошката наука е мошне голема.
- И покрај лошите состојби на теренот на кој работиме ние настојуваме да извадиме што повеќе материјал преку кој добиваме податоци за поврзување на сите фази значајни за Амзабеговско-Вршничката група. Досега откривме керамички предмети кои прецизно определуваат дека се работи за населба од раната фаза на неолитот. Со поставување повеќе сонди имавме среќа да налетаме на живеалиште и веќе сме влезени во објектот-куќа за живеење со преградни ѕидови поради што имаме определени индикации за градењето на куќите. Досега немаме сознанија како изгледале куќите од тоа време шест илјади години пред нашата ера, вели Јовчевска.
Археолошките истражувања се вршат на теренот на кој е предвидена изградбата на цевководот од Пробиштип кон Штип, Карбинци, Свети Николе и Лозово преку кој е предвидено да се транспортира водата од хидросистемот „Злетовица“. Откако на тој потег се открија археолошки остатоци работите на цевководот на тој дел беа стопирани а на теренот се најде археолошка екипа од шестмина археолози и петнаесеттина работници. Владата одобри 11 милиони денари за археолошките истражувања.
Извор: Утрински весник