Стереотипии за името (2)
Трето: „Нашиве државници треба, во тешкиве моменти да бидат храбри, а тоа значи - да донесат одлука за промена на Името!“
Секако дека, во различни историски периоди, култури, ситуации и поводи различно се разбираат поимите „храброст“ и „кукавичлук“, па и се заменуваат, особено во однос на разбирањето на правдата и праведноста.
Ете сега, кај нас, по повод Името - прашањето е - дали е чин на кукавичлук или храброст нашата државничка елита од која било политичка провиниенција, да потклекне пред постојаниот притисок и дишење во врат од најмоќните меѓународни фактори, со децениски закани, веќе и уцени, дури со отворена покана за трампа на Името за отворените евроатлантски врати? И при сериозни јавни предупредувања за опасност по нивниот живот, како поединци? Дали е кукавичлук, пред сите тие моќни светски „богови“, знајни и незнајни, со ризици по сопствениот живот и кариера и со етикети, критики, потсмев и хајка од надвор и оддома, да се истрае на историската должност за сочувување на македонското Име, во кое наши предци беспоштедно себесевградувале, по затвори гниеле, на сестрите им - очи ваделе, нозе до колена кршеле, раце до рамења сечеле, над гробовите им буки жални песни пееле, мајки сопствени деца сакателе, за името да им остане, невести – смрт, наместо златни сараи одбирале... за тоа македонско Име?...
Ние денес, независно дали како граѓани и луѓе што во оваа Македонија животот го живееме и лебот насушен си го вадиме, сме задоволни, индиферентни или огорчени од одлуките на власта за кое било друго прашање од значење за државата, мораме, по прашањето за Името, пред себе, но и јавно, заедно и единствени да поддржиме и признаеме дека и денес, во ова историско време, опстојувањето пред тие притисоци за сочувување на македонското Име, како најсвета патриотска должност пред сите други, е вистинската храброст, пред која не бил исправен ниеден народ и ниедна власт! А опстојувањето за сочувување на македонското Име, во вакви несфатливи услови, во Векот посветен на човековите права, а со уцени и закани за опстанок или уништување на државата и идентитетот
- доколу не се откажеме од тоа свое природно и озаконето човеково право, дури и со загроза по животот на оние што ги прозиваат Името да ни го сменат - што е, ако не - вистинското јунаштво, вредно за историска памет, за вјек и вјеков!?
Јунаштво е дотолку поголемо што, со сочувување на Името, всушност, првенствено се чува темелот за цивилизацискиот опстанок на државите и народите, меѓу кои и на оние од ЕУ!
Четврто: „Се поддржува секое решение за промена што нема да наштети на македонските националните интереси, идентитет, јазик...“
Ова е една од најдрските демагошки финти пласирана заради обезбедување сопствено алиби од евентуалното прифаќање промена на Името, затоа што, неспорно е дека - секоја промена на Името, неминовно ќе предизвика промена на идентитетот, народот, јазикот. За да може потоа протагонистите на оваа финта, да се амнестираат и цинично да ги обвинат другите - дека другиве се виновни, а првиве предупредиле дека не прифаќаат промена што ќе наштети на националните интереси! Неспорно е дека, всушност, основната цел за промена на Името на државата е промена на македонскиот идентитет! Промената на Името на државата е само инструментот за постигнување на таа цел. Со која било промена на името на државата, на пример: со уставна одредница: „демократска“..., таа цел би била неостварлива, па затоа и нема да биде прифатена од Грција и од редица светски „фактори“. Но, оваа финта има и друга цел - затскривање на сопствената вина, затоа што самото прифаќање и одржување на тоа „преговарање“ од нивна страна, веќе предизвика неотстранлива штета на македонските национални интереси, дури и воопшто да дојде до каква било промена на Името! Па нели, авторите што ја пласираа оваа бесмислица, а кои, пред тоа, ја прифатија и референцата ПЈРМ, ја склучија Привремената согласност со Грција, непринципиелно и тајно го изменија Уставот, ги претворија „разговорите“ во „преговори“ и сега јасно повикуваат за промена на Името, всушност - се главните извршители на веќе сторените штети не само на македонските национални интереси туку и на меѓународните правни и етички принципи, за чие сочувување сега, лицемерно, толку се залагаат!?
Петто: „Македонија и Македонците се заложници на егејското лоби...“
Безобразно е да се импутира различност на истото македонско ткиво на „Овие“ во границите на Р. Македонија и „Оние“ од/во границите на Грција (се однесува и на бугарските и албанските). Историските факти, борби, востанија, јунаци... традиција, јазик, култура... припаѓаат на истото тоа единствено македонско ткиво, кое, и под вековен јарем на различни освојувачи, опстојувало во исти национално идентитетски, македонски меѓи. Факт е дека од ‘913-та, тоа насилно, безочно се дели. „Овие“ Македонци, по АВНОЈ, особено АСНОМ, во југословенската заедница, продолжуваат да постојат и да се развиваат во оваа држава Македонија, како посебен признат национален идентитет.
Денес, по целосното осамостојување на македонската држава, и „Овие“, како пред тоа и „Оние“ Македонци, се исправени пред невиден и нелегален меѓународен притисок за себенегирање, како непостоечки, коминтерновски измислен народ, без идентитет! Но живиот споменик, како несоборлив аргумент за постоењето на „Овие“ се токму „Оние“ Македонци од/во грчките граници кои свесно го понесоа и судбинскиот товар на сочувување и докажување на македонското автентично постоење, далеку пред постоењето дури и на нациите што нé оспоруваат! Пред очите, но и со поттик и потпора на „демократскиот и праведен“ свет –токму „Оние“ Македонци, а не „Овие“, во залог, за сочувување на македонството го ставија своето најскапо - младоста, домашното огниште, семејството... за спас и на „Овие“ Македонци и оваа држава Македонија! Не „Овие“, туку „Оние“ Македонци и нивните лични судбини, пострашни и подолготрајни од сите страдања и неправди во светот, достоинствено и јуначки, со генерации, го плаќаат данокот за потврдување и на нашево овдешно опстојување! Ниедно јуначко дело и ниеден јунак од ниедна историја не се поголеми од страдањето на кое било жртвено детенце, од „Оние“ „Егејци“, кое гладно и босо, без мајка, во бег од домашното огниште, изѕемнето талка во црни темници, се вдомува во туѓи куќи, бара утеха во пазуви на туѓи мајки, расте под туѓи неба и со туѓи јазици, коешто, на првите средби по 30-40 години, не се препознава ниту со најблиските, со вистинските мајки, со браќата и сестрите, од откажувањето од дедовината и мајковината, запретувањето на спомените... само заради тоа име Македонско, што сето тоа, некои од „Овие“ вулгарно го именува како „лов по пари“! Има ли пара за која „Овие“ нивното би го проживеале?
За другите бесмислици, како: „Без влегување во ЕУ и во НАТО остануваме пуст остров, изолиран и без перспектива... тие ни се единствена алтернатива... Ние сме во право, ама тие се посилни... уште и ги заморуваме... сити се од нашиве проблеми... Треба да се реши „Македонскиот проблем со Името... Промената на Името е замена на референцата...“, во друга прилика.
(крај)
Автор: Олгица Никола Трајковска, Македонка од Република Македонија
Извор: Нова Македонија
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=11111195249&id=13&prilog=0&setIzdanie=22428
Друго: Стереотипии за името (1)