Ветроказ
Кога некој ќе спомене конзервативизам, во главата ми се јавува слика на строг татко кој не ја пушта својата ќерка да излегува, ми вели еден пријател. Ја пушта, но ја прашува до кога, каде и со кого? Конзервативизмот во прв ред е, одговорност, му одговарам на мојот пријател.
Поимањето на конзервативизмот, особено од аспект на марксистичката интелигенцијата во нашата средина е ограничено и варира од старомодност до запирање на напредокот. Антиконзервативната струја што веднаш се нафрли, отиде дотаму да го поистовети конзервативизмот со малограѓанштината, шовинизмот, примитивизмот. Тоа е апсолутно погрешно. Чехов за најголеми малограѓани ги сметаше чиновниците, Томас Бернхард уметниците, Балзак буржуоазијата.
Кружат и други митови за рестриктивната улога на конзервативизмот, македонскиот менталитет не со еднаков аршин ги третира како девијации наркоманијата и алкохолизмот. Особено алкохолизмот, на еден чуден начин, постојните етички норми не само што го сметаа за нормална појава туку и го форсираа како пожелен модел на однесување. Конзервативизмот зазема силен став против алкохолизмот. Забраната за продажба на алкохол во вечерните часови, е заштитна мерка која ги поставува основите за односот кон ова зло, не смееме како заедница и понатаму да го потхрануваме култот на пијанството.
Стариот добар Черчил тврдеше дека постојат толку многу работи кои може да се направат, а животот е толку краток. Владимир Набоков, кој потекнуваше од руско аристократско семејство, упорно ја одбиваше ангажираната литература и разните авангардизми, држејќи се до раскошна естетика и префинетоста на изразот, беше еден од најголемите познавачи на модните текови во уметноста. Роберт Валзер во 1907 година, на прагот од човештвото кое како Титаник иташе кон напредокот, цинично гледаше на таа најава: Постои нешто наречено напредок на светот, но тоа е само уште една од многубројните лаги измислени од трговците, со цел на подрзок и попрефинет начин да се извлечат пари од толпата.
На македонското деморализирано општество неопходно му е зацврстување на вредностите кои како конзервативизмот се темелат на морал, работна етика и верба која е од круцијално значење. Законите, особените регулативи, ЕУ стандардите ќе се исполнат порано или подоцна во парламентот, на хартија. Дали ќе бидат важечки и практикувани во реалниот живот зависи од свеста на поединецот. Нам ни е неопходен брз технолошки развој, а тој не оди без извесна дисциплина, каква што наметнуваат конзервативните начела.
Некои интелектуалци сметаат дека било какво просветителство, особено конзервативно, нема да произведе добра уметност. Но, дали транзицијата, како бурно општествено превирање изроди толку генијални уметнички дела или автори кои не лансираа на културната мапа на светот?
Македонскиот конзервативизам смета дека промената на самосвеста кај поединецот не треба да биде премногу радикална и раскрстувачка со неговата традиција, што би довело до целосна дезинтеграција, хаотичност и растројство на умот и духот. Кога говорам за традиција, не алудирам само на народното наследство и фолклорот, туку на културата создавана во социјализмот. Зошто да се откажеме од македонското традиционално во националната култура. Дали не е во рамките со первертираната идеја за граѓанштина или не е доволно болшевичко? Негирањето на Македонија како идеја, овој пат под плаштот на некакво граѓанство, е чиста снобовштина, исто како што провинцијалецот (по дух, не по географија) во друга средина се срами од своето корени и потекло. Нема место за самодеградација.
Најголемата забелешка е дека конзервативизмот е својствен за богатите, а ние како народ сме биле сиромашни. Дури и да е така, зарем сиромашните треба да бидат лишени од добри манири? „Ако сами кон себе не бидат љубезни, нема да биде и никој друг.“
Условите се пресудни. Не може суште да се потпираме само на сиров талент. Уште еден аристократ и по род и по естетика, Витолд Гомбрович смета дека е неопходна општествена благосостојба: „Уметноста е луксуз, слобода, забава, сон и сила, уметноста не настанува од беда, туку од богатство, не се раѓа тогаш кога си под кочијата, туку кога си на кочијата. Уметноста има во себе нешто триумфално дури и кога ги прекршува рацете.“
Извор: http://bukarski.blog.com.mk/node/241417
Посети: {moshits}