Вистинскиот македонски херој
“Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.”
-Петре М.Андреевски-
..Пфф...Се насмеав иронично кога го прочитав насловот.Не толку за насловот колку за епитетот-херој.Па нели сите сме херои?Па нели сите имаме супер-моќи кои ги користиме најчесто кога и за што не треба?
Ете вчера во трговскиот центар,еден младич и помогна на една куцонога бабичка околу торбите од пазарењето.И ја зграбчи чантата со сета сила и одлета во неповрат.И тој има нешто јуначко во себе,само зависи како вашите очи ги перцепираат нештата и ги пренесуваат до централниот нервен систем.
Или да позборуваме за херојот од моето соседство.Вчеравечер го пронашле згрчен од струен удар,иако за среќа преживеал.Не крадел електрична енергија од бандерата,како кажа, само помагал таа побрзо да биде спроведена до домовите од комшилукот. Вистински добродетел,не за џабе се вика Добре.
И мајка ми е херој.Таа секој ден војува со еруптирачки вулкани кои клокотат од лонците,подмолни микроби скриени во ќошовите и торнадо од прашина. Иако таа секогаш ќе биде светица во мои очи,нејзиното опејување го оставив во тетратките од осмолетка.
Денес,да зборувам за Тито,социјализмот,да го оплакувам минатото,да ја плукам сегашноста и светската парламентарна диктатура или да мечтаам за иднината која којзнае каде и како ќе ја дочекаме? Не!-удрив со раката . И бидејќи јас не сум јас,да отскокнувам од стадото и да бидам црна овца која не блее во празно, но мислам дека го заслужувам епитетот-херој.
Мојата сторија започнува вака.Роден во далечната ‘91 кога и шеснаесеткракото сонце навестуваше дека ќе замине под стечај,се радував на остатоците од социјализмот.Никогаш не го запознав другарот Тито,иако приказните за него ги слушав eквивалентно често како и поздравот за добар ден. Од малечки нозе се судрив со транзицијата која немило ги разрануваше плускавците на рацете на моите родители. Експлоатирана работничка класа набрзо фрлена под канџите на лавовите кои ја раскинуваа со челустите,розата која им бодеше очи и по некој залутан орел кој започна да граба со канџите.
-Густа македонска крв.-се тешеа и продолжуваа да дишат на прагот на новиот милениум
Поради цврстиот грб на татко ми,кој пренел стотици вреќи со ѓубре и позлатените раце на мајка ми кои не се срамеа да ги извадат гомнениците на секакви луѓе и нелуѓе од канализацијата,мене ништо не ми недостигаше како припадник на ниската класа.
-Животот е првоаприлска шега на која често,забораваме да се насмееме-знаеја да ме поучат.А ние се смеевме со скечовите на К-15,плачевме кога печалбарот Константин умре во туѓина.Парадоскално,се смеевме на сопствената беда,а плачевме за иднината што речиси секого ќе го стигне.
Јас бев јунак со сила како Крали Марко,освојувач рамо до рамо со Александар Македонски. Бев силен, штом сум имал волја да излезам од матката на мајка ми и да го здогледам македонското сонце,брендирано на сите домашни производи,а освојував со знаење.Немав крилест ат,но и велосипедот на тато се покажа како добар придружник.И можеби се што ќе видев од Индија беа само нивните Тв-серии.
А јас? Моите очи беа сведок на илјадници разделби.Виделе како возот ги одвезува моите пријатели во Скопје,додека јас останувам назад со солзи во очите и бело шамиче во рака,зашто моите немале финансии да ме пуштат во главниот град на факултет. Но белото шамиче не беше знак дека се предавам. Тие очи виделе споменици од бронза,додека чичко ми за да преживее ја продаде и златната бурма.Чуле неисполнети ветувања,погрдни зборови од врсниците зашто истата маичка ја носев веќе еден месец.Бев мета на потсмев зашто татко ми бил ѓубреџија,а мајка ми чистачка.Ќе се најдеше и по некој надуен малоумник да ми попува како јас да сум аргат во претпријатието на неговиот татко. Но и покрај се јас имав достоинство и душа,а таквите како нив секогаш завршуваа со хемороиди на задникот од предолгото седење во семејната фотеља.Која беше разликата меѓу мене и нив? Јас знаев како мириса нечовечноста,тие ја препознаваа само аромата на парите.
За некого сум гнида,за друг ѕвер,за трет воздух.Можеби нема да ми подигнат споменик,а моето име нема да го сретнете во учебниците по историја,туку ќе ме начекате на улица како питачам,иако сум станал академски граѓанин со огромен капацитет во глава и две дипломи во рака.Сеедно,јас знам да преживеам во оваа џунгла, каде правилата се дека не постојат правила и секој гледа за сопствениот опстанок.Можеби ќе ме гледате и на рекламите како ендемски вид,зашто се борам против себеси да не станам дел од партискиот систем и да бидам независен како Швајцарија.Ќе звучам и нарцисоидно,но за херој на денешницава се сметам себеси. Па живеам во бескрупулозно општество каде идеалите се да ископаш дупка за другиот, небаре му зајмуваш бесплатна парцела за сигурна смрт,пријателите те препознаваат на улица само кога носиш скапо одело и актовка во рака,родителите се трудат само во “Трудот” како невработени ,а љубовните партнери те користат како играчка за задоволување на сексуалните инстинкти и можеби исполнување на неостварена материјална желба. Образованието ме тера да повратам,иднината е само црна точка...Но јас сум светлото на крајот на тунелот.Па драги мои,успеавме да ја преживееме несудената апокалипса,зарем не треба да примиме некаков бенефициран стаж како воени ветерани?
Нека, јас ќе продолжам да се борам,зашто откажувањето е за кукавици.Та нели јас сум херој?Продолжувам да бидам неискорнатиот троскот,кој после секој неуспех ќе се обновува.
Вашиот,напатен македонски херој.
Јована Матевска
Извор: http://www.fakulteti.mk/news/13-04-16/vistinskiot_makedonski_heroj.aspx
Автор: Јована Матевска
Студент на Меѓународниот Славјански Институт, насока Психологија. Прочитај ги сите статии на Јована Матевска и посетете го нејзиниот блог