„Тогаш им се отворија очите...“
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.
Што да кажам за поука и од каде да почнам после ова евенгелско четиво (види: Лука 24, 1–35), веројатно најзначајното во целиот Нов Завет, кое ја истакнува нераскинливата врска помеѓу богопознанието и Светата Евхаристија. Воскреснатиот Христос чекори покрај своите апостоли Лука и Клеопа на патот за Емаус и, иако многупати пред ова чудесно патување чекореле заедно, тие не Го препознаваат и во Него гледаат само обичен туѓинец сè до моментот на прекршувањето на лебот.
Патуваат исплашени, загрижени и натажени по распнувањето и погребението Христово, и првпат после тие дни во нечие присуство почувствувале топлина, сигурност и утеха, додека Тој чекорел покрај нив и им го толкувал Писмото. Ова е многу важен момент во денешното евангелско четиво, и како и колку и да го толкува некој, сепак, може да го разбере и знае само онаа христијанска душа која сите свои надежи и целата своја сигурност ја црпи од Бог и од Божјото присуство во својот живот.
Кога се стемнувало и дошло време да се одвојат, тие се плашеле да се оттргнат од Тој непознат Човек, покрај Кого се чувствувале сигурно и „им гореле срцата“ со истиот пламен додека чекореле покрај својот Учител и Спасител, пред Неговата крсна смрт.
„Остани со нас, оти денот превали и наскоро ќе се стемни.“ Не се плашеле Лука и Клеопа да Го пуштат овој туѓинец сам во темнината, туку се плашеле да останат сами во ноќта, без Неговото присуство, кое им ги запалило срцата.
Еве уште еден клучен момент: „А Тој се направи како да сака да продолжи“. Никој не го сака повеќе нашето спасение од Оној Кој стана човек, се распна и умре за нас. Нема таков меѓу синовите Адамови, дури и меѓу најчистите и најсветите, чие срце толку би копнеело за Божјата љубов колку што Бог Самиот копнее да влезе и да го исполни со Своето присуство срцето на најголемиот грешник. И покрај тој копнеж, Тој се направи како да сака да продолжи, сè додека не Го поканија. Така постапува Љубовта. Таа никогаш не е насилна и никогаш не влегува насилно во нечиј живот. Целото ова патување ја имало за цел оваа пасхална Литургија, која ја отслужи истиот Оној што и денес ја служи и оваа Света Литургија.
„А кога седеше со нив на трпеза зеде леб, го благослови, го прекрши и им подаде; тогаш им се отворија очите и тие Го познаа.“
Нема Богопознание, драги мои, надвор од Црквата и од нејзината Света Литургија. Не смееме да се залажуваме дека независно од Црквата и надвор од неа, само во своите домови, можеме да водиме побожен живот.
Затоа, секој што не доаѓа на светите собранија кога Лебот го прекршуваме, не може да Го познае Христос. Како да му објасниме на овој свет дека нема нешто што во овој свет може да нѐ исплаши, па дури и самата смрт!? Ние единствено се плашиме да останеме во темнината на овој свет, сами, без Него, а Тој ни се дава единствено во Црквата на Светата Литургија, која за нас не е само емотивно сеќавање на крсните страдања, смртта и воскресението на нашиот Господ. Тоа можеме да го правиме и во своите домови. Секоја Света Литургија за нас е истата случка и истото доживување што го имале Лука и Клеопа во куќата покрај патот за Емаус. Ништо не можело да им го надомести присуството Христово на овие двајца апостоли, ниту тоа што некои жени од нивните биле рано на гробот на кои ангели им кажале дека Тој е жив, ниту тоа што некои од апостолите биле самите и се увериле дека гробот е празен. Тоа кај нив ништо не променило. Тие чекореле по патот нажалени сѐ до прекршувањето на лебот, сѐ до нивното лично учество во Литургијата на Воскреснатиот Христос. Нема релативизирање на Светата Литургија и online замена. Категорично одбивам да ми соопштат и да ме уверуваат некои што биле и што го виделе празниот гроб, па макар и ангели да ми објавиле. Јас ќе чекорам натажен како Лука и Клеопа сѐ додека самиот не појдам и не се уверам, и додека Самиот Тој не ми се даде. Не како било, и не каде било, туку на Светата Литургија на Црквата Негова. Само тогаш мојата жалост ќе се претвори во радост и ќе биде полна.
Затоа ви велам дека оној што не ја разбира Светата Литургија и ја релативизира на каков било начин, тој ниту ја разбира Црквата, ниту има претстава што направил Христос за него; за жал, токму во овие тешки услови за сите нас и се уверивме во тоа.
Држете се за Светата Литургија по секоја цена, бидејќи надвор од Светата Литургија нема познание на Бог, надвор од Светата Литургија нема Црква, надвор од Светата Литургија нема духовен живот, надвор од Светата Литургија нема светост, надвор од Светата Литургија не можеме да бидеме добри луѓе, надвор од Светата Литургија нема Воскресение, надвор од Светата Литургија нема Велигден, надвор од Светата Литургија нема живот, надвор од Светата Литургија, колку и да ве лаже некој, нема безбедна зона од болестите и од смртта.
Ви напишав непосредно пред Пасхалната ноќ да не се плаши срцето ваше – ние сме Христови, Христос е наш. Нашата иднина е светлината на Воскресението и Царството Небесно, но попат мораме да застанеме на својата лична голгота, да се распнеме, да умреме и да се погребаме со Оној Кој нѐ предупреди дека ќе имаме многу жалости во светот. Единствено на крстот се учиме на последното совршенство, љубовта кон непријателите.
Затоа и ви напишав дека ќе се молам во вашите срца да остане само Невечерната светлина на Воскресението и љубовта, по тоа ќе нѐ познае овој свет дека сме Христови и дека Христос ја победи смртта и дека нема смрт. Не грижете се и оставете ги нека зборуваат дека сме безумни и примитивни. Тоа не е ново карактеризирање на христијаните. Тоа е така бидејќи ние, едноставно, не се плашиме од смртта, зашто знаеме дека жив е нашиот Бог и ние живи ќе бидеме.
Светот не може, т.е не сака да ја прими таа вистина, и никогаш нема да ја прими, до крајот на векот. Но, ние сме должни со цврстината на нашата вера и со надежта во Воскресението да го љубиме овој свет и да се молиме за него на секоја Света Литургија, бидејќи Бог го создал, и да му ја објавуваме нашата радост додека Тој повторно не дојде.
Христос Воскресе!
Христос Воскресе!
Христос Воскресе!
Викарен Епископ Јаков Стобиски
http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7272