Во центарот на Охрид ќе никне споменик на Свети Наум. Ваквата идеја ќе се реализира следната година, кога се одбележува 1100-годишнината од смртта на големиот просветител. Охридските советници на вчерашната седница едногласно ја усвоија одлуката за подигнување спомен обележје на Свети Наум Охридски Чудотворец.
-Со поставувањето на споменикот на Свети Наум заедно со спомениците на Свети Кирил и Методиј и Свети Климент Охридски ќе се формира духовниот триаголник кој ќе го одбележи најважниот период во историјата на македонскиот народ, вели охридскиот градоначалник Александар Петрески, кој потенцира дека општината треба да биде вклучена во самата реализација на овој проект а финансиските средства за изградба на споменикот ќе бидат обезбедени преку спонзори.
-Во периодот кој следи ќе биде распишан конкурс за идејно решение по што ќе бараме спонзори. Во ова време невреме на социјални проблеми не треба да се трошат буџетски средства, смета Петрески.
Според Дејан Паноски, советник од ВМРО-ДПМНЕ, со поставувањето на еден ваков споменик се потенцира духовноста на Охрид.
Споменикот на Свети Наум, како и останатите два од духовниот триаголник Свети Климент Охридски и Свети Кирил и Методиј, ќе биде свртен со погледот кон манастирот Свети Наум.
Извор: Вечер