Тивка црковна војна меѓу МПЦ и Католичката црква околу споменикот на апостол Павле
Билјана Јовановска
Селото Паљурци кај Богданци, кое денес е сосема пусто, без жители, а и без куќи, многу скоро би можело да стане препознатлив локалитет кој ќе посакаат да го посетат многу верници католици и православни. Според преданијата, во 51 година, при своето патување во Македонија, апостол Павле бил во Паљурци, место кое на крајот на 19 и почетокот на 20 век, поради монашката заедница на чесните сестри - евхаристинки, станало значаен духовен центар на Католичката црква. Од овој духовен центар била помагана македонската револуционерна дејност во тоа време, а писмата во кои за укажаната помош се заблагодарил Гоце Делчев и денес грижливо се чуваат во Ватикан.
За Паљурци одново се слушна на крајот на мај, на средбата на претседателот Ѓорге Иванов со папата Бенедикт Шеснаесетти, а шефот на македонската држава и завчера го посети локалитетот, за кој вели дека треба да стане нов духовен центар по кој ќе бидеме препознатливи. Сепак, за ова да стане реалност, неопходно е најнапред државата да и' го врати на овдешната Католичка црква имотот што бил денационализиран, а кој воопшто не е занемарлив. Станува збор за дури над 9 милиони квадрати, повеќето во шуми, но и брана, бунари...
Во меѓувреме, се поведе и иницијатива за изградба на споменик на апостол Павле, ама кога ќе се постави и кој ќе го изработи е прашање околу кое Католичката и Македонската православна црква водат тивка битка. Проблемот никогаш не бил ставен на маса, но неофицијално, ривалитетот е присутен.
Тој бил забележан и во средата, кога при пречекот на Иванов во Паљурци, како домаќин се претставил повардарскиот митрополит на Македонската православна црква, г. Агатангел. Како гостин не се чувствувал ни г. Киро Стојанов, бискуп скопски и апостолски егзарх на Католичката црква во Македонија, па иако формално и двајцата се домаќини, се наметнува дилемата кој ќе го постави камен-темелникот на спомен-обележјето на апостол Павле.
Група граѓани од Богданци наречена „Антички Македонци“, која неофицијално ја имала поддршката и на Ѓорге Иванов, кој тогаш бил само професор на Правниот факултет, се појавија како иницијатори за споменикот што требаше да се благослови на 12 јули. Во минута до дванаесет целата работа беше стопирана, бидејќи луѓето имале закажана средба и со г. Агатангел од МПЦ, која не се случила поради отсуство на владиката, а идејата беше одложена. Така, камен-темелникот на споменикот на апостол Павле полека стана камен на сопнување и покрај тоа што официјално МПЦ не претендира да го има главниот збор.
Како што пишуваше „Утрински весник“, Католичката црква побарува од државата да и' го врати денационализираниот имот од над девет милиони квадрати. Иако за Комисијата за денационализација тоа не е спорно, целата постапка ја закочи јавниот правобранител од Гевгелија. Од кои причини - никој јавно не сака да потврди, меѓутоа, се говори дека пресудни биле меѓуцрковните интереси. Ако се тргне од легендите, дека во Паљурци престојувал апостол Павле, поставувањето на неговиот споменик е еднакво провокативно и важно за двете цркви.
Паралелно со прикаската за мисијата на апостол Павле низ Македонија се раскажува и друга, дека, наводно, Паљурци го добило името токму според овој апостол. Дали е тоа точно останува во сферата на претпоставките. Засега, факт е дека минатата година во Италија е објавена карта на која е посочена територијата на која апостолот ја имал својата мисија. Таму е посочено токму ова село на југот на Македонија.
Извор: Утрински весник