Иницијативата за изградба на православен храм во Тетово, која е прва по повеќе од 80 години, се остварува според планот. Од Иницијативниот одбор поднесле барање до локалната самоуправа во ГУП-от на градот да биде вметната маркичка за изградба на црква по што би се преминало на спроведување на проектот.
Од Тетовското архијерејско намесништво велат дека по 80 години ова е прва иницијатива за изградба на православен храм во градот. Црквата ќе се наоѓа во централното градско подрачје на раскрсницата од улиците Методија Андонов Ченто и Видое Смилевски Бато. Храмот ќе има површина од 200 квадратни метри, а со сите придружни објекти ќе се протега на околу 4.000 квадратни метри. Првичните процени се дека изградбата би требало да чини околу еден милион евра, за кои се очекува да се приберат со донации од граѓани.