Македонските студенти од ФДУ и од ЕСРА ќе имаат ексклузивна можност да го видат филмот „Востаничка улица“, кој ќе се прикаже во Кинотеката на Македонија денеска, во 17 часот
Сцена од „Востаничка улица“
Српскиот кинематограф Миладин Чолаковиќ ќе биде гостин на Кинотеката и ќе присуствува на проекција, а ексклузивитетот е поради тоа што филмот сè уште не е премиерно прикажан во земјава. Проекцијата е од затворен тип и ќе биде наменета за студентите од Факултетот за драмски уметности и од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА. Дружењето на студентите и кинематографот е замислено како сесија со прашања и одговори за учеството на Чолаковиќ во реализацијата на филмот.
Во „Востаничка улица“ главните улоги ги играат актерите: Гордан Кичиќ, Уликс Фехмиу и Раде Шербеџија, а режисер е Мирослав Терзиќ. Станува збор за политички трилер, кој е насловен според адресата на Специјалниот суд за воени злосторства во Белград. Инспириран е токму од воените злосторства што се случуваа на овие простори во изминативе години и претставува прв филм во кој Србија отворено зборува на оваа тема.
Филмот „Смрт на човекот на Балканот“, пак, во кој исто така зад камерата е Чолаковиќ, е на програмата на актуелниот фестивал на европски филм „Синедејс“. Проекцијата на оваа црна комедија е утревечер, во 21 часот, во киното „Фросина“, во Младинскиот културен центар. Филмот како дел од фестивалот е сместен во програмата „Синебалкан“, а претставува извонредно остварување, со невообичаена техника на снимање. Филмот е снимен во еден кадар, а окото на камерата е стационирано во еден дел од соба, пред која се редат случувањата, дијалозите и целата актерска екипа што учествува во остварувањето.
Чолаковиќ годинава беше член на жирито на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, каде што одржа и работилница како дел од активностите на регионалната платформа за активизам „Лице в лице“ во земјава. Изминативе две недели скопската публика имаше можност да ја види и изложбата со негови фотографии од циклусот „Пат“, која исто така дел од активностите на платформата „Лице в лице“.
Гостувањето на Чолаковиќ и проекцијата на филмот ги организира Центарот за медиумски активности (ЦМА) во соработка со Кинотеката на Македонија.
Извор: Нова Македонија