На 14 април 2016 година (четврток),со почеток во 12,00 часот во Македонската академија на науките и уметностите, проф. д-р Златко Крамариќ, избран за член на МАНУ надвор од работниот состав ќе одржи пристапно предавање на тема: „ШТРОСМАЕР И МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ“.
За научниот придонес на проф. д-р Златко Крамариќ ќе зборува академик Влада Урошевиќ.
Златко Крамариќ е роден на 5 февруари 1956 година во Осиек, Република Хрватска. Дипломирал во 1978 год. на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Загреб на групата предмети: славистика и филозофија. Магистрирал на истиот факултет во 1982 год, а докторирал во 1985 год., на Филолошкиот факултет во Нови Сад. Во 1979 год. избран е за асистент на Педагошкиот факултет во Осиек, потоа, 1985 год., за доцент при Катедрата за македонска книжевност и јазик на Филозофскиот факултет на Универзитетот “Јосип Јурај Штросмајер” во Осиек. Во 1989 год. избран е за вонреден професор при Катедрата за македонска книжевност и јазик, а во 2007 год. за редовен професор.
Бил на стручни усовршувања на универзитетите во Ванкувер и Вашингтон. Како визитинг-професор држел предавања на универзитетите во Манхајм, Прага, Скопје, Торонто, Париз, Осло, Москва, Нови Сад, Белград.
Од 1990 до 1992 год. Златко Крамариќ бил претседател на Собранието на градот Осиек, а од 1992 до 2005 год., градоначалник на Осиек. Од 1992 до 2008 год. бил пратеник во Хрватскиот сабор. Од 2009 до 2011 год. Златко Крамариќ бил амасадор на Република Хрватска во Република Косово, а од 2011 год. до 2015 год. беше амбасадор на Република Хрватска во Република Македонија.
Книгите на Златко Крамариќ се потврда за трајното и сериозно посветување на македонските прашања на нивниот автор. Крамариќ пишува, главно, за македонските творци од дваесеттиот век, но притоа покажува големо познавање на македонската книжевна и културна ситуација и во претходните векови. Применувајќи ги пристапите и постапките на модерната книжевна наука, тој успешно навлегува и во домените на антропологијата, културологијата и политикологијата, и притоа дава научно поткрепени анализи на историските состојби низ кои минувала македонската нација. Разработката на некои од клучните прашања на македонскиот идентитет, што во своите книги ја прави овој автор, го претставува Крамариќ како научник кој се стреми да им даде ново осветлување на многупати поставуваните дилеми. Компаративното третирање на проблемите, проследено со извонредната информираност на авторот, дава можност за согледување на некои прашања од повеќе агли и ново формулирање на можните одговори. Неговите приоди кон оваа материја се оригинални и полни со студиозна аналитичност, а притоа е особено видлива и неговата емотивна посветеност на македонската нација и неговата желба да помогне во решавањето на тешките искушенија низ кои таа минувала и сè уште минува.
Студиите на професорот Крамариќ одат во длабочина на проблемите, а заклучоците што произлегуваат од неговите анализи имаат во себе цврста и убедлива аргументација. Согледувањата изнесени во нив фундирани се врз студиозно проучување на релевантната материја, при што овој автор секогаш наоѓа начин разгледуваното прашање од македонската историја или македонската книжевност да го доведе во врска со примери кои го изнесуваат тоа прашање од потесните балкански рамки и го поставуваат во светлината на европската и светската визура. Големата ерудиција со која тие прашања се разгледувани, како и научната апаратура која притоа Крамариќ ја применува, прават од неговите студии една мошне продлабочено четиво кое е оддалечено од секоја пригодна и ефемерна актуелност и кое останува како траен залог на одбраната на македонскиот идентитет.
За книгата „Идентитет, текст, нација“ во 2012 год. Крамариќ ја доби наградата „Кочо Рацин“ за унапредување на хрватско-македонските книжевни и културни врски. За целокупната своја досегашна активност во 2014 год. тој го има добиено и меѓународното признание „Блаже Конески“ што го доделува Македонската академија на науките и уметностите.