„Ти Си Бог Кој прави чуда!“
- Чудотворната Госпоѓа од Сисеро -
Иконата на Богородица која проплакала во Чикаго
(Сисеро, Илиноис)
Есеј на Дејан Дурански на тема „Постоење на чуда“
Чуда...зошто се сомневаме во нив кога знаеме дека се значаен дел од нашето Православно Христијанско наследство? Земајќи ги во предвид доктрините за Пресветата Троица и Господовото овоплотување, потоа почитувањето на Пресветата Богородица како вечна Дева и Мајка на нашиот Бог, телесно воскресната на третиот ден по Нејзиното Успение, Православната вера изобилува со чуда. Иако голем дел од тие чуда се спомнуваат и во Светото Писмо, сеуште некои од нас ретко очекуваат дека би посведочиле некакво „чудо“ да се случи пред нивните очи. И покрај тоа што мнозина од нас тврдат дека веруваат во тие чуда од минатото, ние сеуште се сомневаме во нивното појавување денес, во 21 век. Едноставно, денес чуда не се случуваат...не во Чикаго, Илиноис.
Пред 22-ри Април, 1994 година, сигурно дека и меѓу парохијаните на Антиохиската Православна Црква Свети Георгиј во Чикаго (Сисеро) имало такви со сличен скептичен однос кон чудата. Но, она што се случило тогаш, не само што ги променало нивните чувства, туку со сигурност ги променало и нивните животи. Освен тоа, настанот што се случил продолжува да има длабок ефект и врз илјадници други луѓе кои постанале дел од едно посебно духовно искуство кое почнало да се разоткрива од тој ден па навака. А тој посебен настан е проплакувањето на една од иконите на Божјата Мајка - иконата која денес е позната како „Чудотворната Госпоѓа од Сисеро“.
Преку „приказната“ за Чудотворната Госпоѓа од Сисеро и, секако, со Божја помош, ќе се потрудам на најдобар начин да го презентирам постоењето на чуда и да помогнам да исчезне секаков скептицизам во однос на нив.
Иконата од Сисеро е само една од многуте кои се категоризирани како „чудотворни“ икони. Во нашето Православие се знае за многу такви икони кои се јавуваат како натприродно нарушување на „нормалниот“ природен поредок: икони кои плачат, мироточиви икони, како и икони што пролеале крвави солзи.
Што се случува кога иконите плачат? Ова прекрасно е опишано од протоерејот Paul O’Callaghan, во една негова статија посветена на таквите икони: „најчесто, водена супстанција во вид на роса започнува да се јавува на иконата и потоа почнува да тече надолу. На многу од иконите што плачат, влагата се јавува само во очите, а потоа се собира во нив како солзите во човечките очи, пред да потече надолу по иконата во одделни ‘потоци’. Самата супстанција има масловиден состав и понекогаш се одликува со карактеристична пријатна миризба“.
Протоереј Paul O’Callaghan
Во оваа статија, сакајќи да го потенцира чудесното јавување на овој феномен, отецот зборува и за постоењето на разни видови на икони што проплакале. Тој спомнува дека додека некои од нив се оригинали, некои се чисто репродукции, а меѓу нив и „ефтини хартиени копии залепени на дрво“
Чудотворната Икона од Сисеро е оригинално насликана икона, дел од иконостасот на Антиохиската Православна Црква Свети Георгиј.
Како што ме извести Протоереј Nicholas Dahdal, свештеникот на таа Црква, иконата била насликана во периодот од 1982-1983 год. од Канадскиот иконописец Theodor Koufos. Инаку, Црквата Свети Георгиј била првенствено основана на друга локација (Oak Park), а била релоцирана во Сисеро во 1984 год. (значи некаде после насликувањето на иконата). Отец Николас кажуваше дека иконата започнала да плаче на 22-ри Април, 1994 год. во 6 часот вечерта, воочи празникот на Свети Георгиј(антиохиската Црква го следи Грегоријанскиот Календар) и големиот Христијански Празник – Лазарева Сабота, два дена пред Цветници. Отецот бил таму кога иконата почнала да плаче. За време на нашиот разговор, рече дека се чувствувал прекрасно, а воедно и полн со благодарност што бил удостоен да биде дел од еден таков посебен духовен настан. На Вечерната Богослужба, освен отец Николас имало и друг свештеник, отец Douglas Wyper, кој сослужувал со него, како и неколку парохијани. Мал воден поток на иконата на Пресвета Богородица го привлекла нивното внимание. Наскоро после тоа, пред очите на стотици луѓе кои дошле да го посведочат овој феномен, четири потоци потекувале до дното на иконата. Отец Николас ме извести дека од тој ден натака, иконата непрекидно плачела цели шест месеци, а после тоа, само повремено.
Како што е запишано во книгата “Weird Illinois: Your Travel Guide to Illinois' Local Legends and Best Kept Secrets”, осум владици ги прегледале солзите и ги прогласиле за веродостојни. Накратко после тоа, Митрополит Филип, главата на Северно-Американската Епархија на Антиохиската Православна Црква, објавил писмо до својата паства каде што вели:
„Слушнавме од мнозина од таа парохија за чудесни излекувања кои што се случиле после помазувањето со нежните солзи. Не се осмелуваме да го објасниме овој феномен... Можеме овде само да повториме еден стих од Акатистот (кон Пресвета Богородица): „Радувај се, Ти Која мудрите за немудри ги објавуваш“, и да го прифатиме овој чудесен настан со вера и радост. Ова навистина е Нејзиниот подарок за нас во овој свет период (Велики Пост). Затоа ја именувам оваа икона на Богородица во Антиохиската Православна Црква Свети Георгиј ‘Чудотворната Госпоѓа од Сисеро, Илиноис’ и ги охрабрувам нашите верници насекаде да го бараат нејзиното застапништво…”
Јас имав прилика со свои очи да ја видам „Чудотворната Госпоѓа од Сисеро“ и можам да кажам дека иконата навистина беше преубава. Стекнувајќи малку повеќе знаење за Православните икони, сакав да спомнам дека постојат повеќе видови и стилови во кои се насликани иконите на Божјата Мајка. Чудотворната икона од Сисеро и припаѓа на групата Богородични икони познати како „Одигитрија“, во превод „Патеводителка“. Според древните црковни преданија, првата „Одигитрија“ била насликана од светиот апостол и евангелист Лука. Името „Одигитрија“се среќава во деветтиот век. Се вели дека Самата Богородица го дала Својот благослов врз оваа икона.
Она што е типично за ваквите икони е тоа што Младенецот Христос секогаш е претставен како седи исправено во левата рака на Својата Мајка и е насликан како Превечен Бог, полн со мудрост. Во левата рака држи свиток, а со десната дава благослов. Богородица е претставена величествено и грандиозно. Нејзината десна рака покажува кон Нејзиниот Син, упатувајќи ги сите кон осознавање на Неговата големина и важност.
Кога станува збор за Чудотворната икона од Сисеро, секако дека еден од најдискутабилните аспекти на овој топик би било прашањето за автентичноста на чудото. Постојат скептици кои мислат дека сето тоа е некаква измама или трик. Морам да признам дека претходно и јас бев еден од нив - интелектуалец чии светски знаења го спречуваат да верува во „чуда“. Но, тоа сосема се промени откако ја посетив Црквата Свети Георгиј, ја видов Иконата и разговарав со отец Николас. Ова искуство навистина беше колку возбудливо, исто толку и корисно и просветително.
Поаѓајки од мојот сопствен првичен однос кон „чудата“, знам дека многу често се јавува сомнеж дека зад иконите што плачат стои Божествената благодат. Луѓето обично бараат скриени пумпи, резервоари, цевки и слично, што би потврдило дека се работи за некаков трик. Но, се испоставува дека иконите што плачат не биле туѓи на нашето Православие и векови наназад, дури и во периоди кога таква технологија воопшто не била употребувана! Од друга страна, пак, не е ли малку чудно да се претпостави дека свештеници или други припадници на црковниот клир би се зафатиле да работаат на таква конспирација? И што би постигнале со тоа? Инаку, познат е фактот дека иконата од Сисеро започнала да плаче за време на огромен Христијански Празник (Св.Георгиј, слава на Храмот и Лазарева Сабота!) кога сигурно биле собрани стотици луѓе; зарем некој навистина би ризиковал да направи да се појават вештачки солзи на иконата пред толку многу народ? Оние што добро ја познаваат Православната Црква сигурно би го нашле ова за сосема несвојствено и бизарно. Освен тоа, отец Николас спомна дека во првите месеци кога иконата плачела, екипата на еден телевизиски канал, Channel 7, направила репортажа за неа. Тогаш намерно било снимано и зад иконата за да можат гледачите да се уверат дека не постои никаков човечки фактор или цевки, пумпи и сл. што би ги произвело солзите.
Разни агностички теории тврдат дека постојат некакви „природни процеси“ во самиот материјал на иконата кои се причина за појавата на солзите. Но, како што спомнав и претходно, забележано е дека постојат најразлични материјали од кои се изработени иконите што плачат. Како е можно еден ист процес на ист начин да се манифестира на сите тие различни материјали? Некои се само обични хартиени копии и самиот факт дека не се расипуваат од течноста што излегува од нив, кажува многу! Освен тоа, моите истражувања ми помогнаа да разберам дека мнозинството од иконите што плачат се оние на Богородица. Овде се јавува уште едно важно прашање: Ако не постоеше посебна причина, позната само на Единиот Бог, тогаш зошто овој феномен би се ограничил баш на иконите на Пресвета Дева Марија? Не е ли составот на Нејзините икони сличен на сите останати?
А што да кажеме за многубројните исцеленија, прекрасната арома, неовоземната духовна атмосфера што се доживува во присуството на иконите што плачат? Какво логично, интелектуално објаснување би можеле да најдеме? Или, сепак, ќе се согласиме дека е валидно постоењето на Божествената благодат?
И покрај се, постојат скептици кои го занемаруваат сето претходно кажано во одбрана на автентичноста на чудотворната икона од Сисеро, тврдоглаво инсистираајќи на неопходноста од научни испитувања. Еден од нив, David Bloomberg - колумнист на списанието „REALL News“, тврди дека за да биде иконата „официјално прогласена за чудо“, врз неа мора да се извршат соодветни научни испитувања. Кога зборував со отец Николас на оваа тема, тој ме извести дека, на почетокот, некои новинарски и научни истражувачи покажале интерес за проверување на автентичноста на иконата. Сепак, нивниот ентузијазам исчезнал веднаш штом Митрополитот Филип дал официјално известување дека таквите научни „истражувања“ се добредојдени.
Овде би ги истакнал и зборовите на отец Николас кои ми оставија посебен впечаток. Тој рече дека Христијаните не смеат да ја ограничат нивната вера само на чудотворни икони, како на пример иконата од Сисеро, зашто таквите појави никогаш не можат да се споредат со вистинската вера. Отецот тврдеше дека чудата се насекаде околу нас, тие се случуваат секој ден; само треба да ги отвориме нашите духовни очи и да ги видиме...
Протоереј Николас Дахдал
Истражувајќи, наидов на многу сведоштва за чудесни исцеленија кои се случиле со помош на иконата. Кога разговарав со отец Николас, тој ми кажуваше за некој човек што секоја недела носел нафора во Црквата Св.Георгиј. Кога првпат влегол во Црквата, тој бил во количка, не можел да оди; но после пристапувањето кон чудотворната икона, добил исцеление! Свештеникот ми кажуваше и дека сеуште јасно се сеќава на првото чудесно исцеление што се случило преку иконата. Имено, во Јуни, 1994 година, една болезлива и слаба госпоѓа ја посетила Црквата, барајќи благослов од него. Страдала од тешка болест и се лекувала во позната болница во Чикаго (Northwestern Hospital). За помалку од еден месец, истата госпоѓа се вратила со букет цвеќа во рацете, потполно исцелена. При прегледот после нејзиното чудесно оздравување, докторите запрепастени потврдиле дека никаков лек на модерната медицина не можел да биде заслужен за таквото исцеление и дека се случило вистинско чудо!
Претходно спомнатите чудесни исцеленија можеби звучат малку и како некаков стандард, или клише, но сметам дека настанов што сега ќе го спомнам е навистина посебен. Откако накратко ми спомна за руморот околу некој злогласен член на Чикашка банда кој после посетувањето на Иконата се одвратил од лошиот пат, отец Николас ми опиша многу впечатлива случка. Имено, вечерта на 10 Декември, 1997 година, околу 6 часот, во предниот дел на Олтарот во Црквата Свети Георгиј избувнал пожар. „...Црквата изгоре, скоро целосно. Откако Чикашките пожарникари успеаа да го совладаат огнот, еден од нив излезе од изгорените остатоци од Црквата, држејќи ја во рацете Иконата која беше сосема недопрена од огнот...“ Како што ми кажа отецот, после пожарот Иконата била преместена на друга привремена локација. Кога Црквата Свети Георгиј била реновирана, на патот за да биде повторно пренесена во неа, Иконата започнала да плаче. Отец Николас наоѓа за сосема веројатно дека барем дел од оние што не верувале во чудотворната Икона пред овој пожар сигурно го промениле својот однос, земајќи го во предвид самиот факт што токму Иконата била единственото нешто што ги преживеало нескротливите огнени пламени.
Од 22 април, 1994 година, па се до денешен ден, илјадници луѓе ја имаат посетено Црквата Свети Георгиј за да ја видат чудотворната икона. Во списанието „Milwaukee Sentinel“ се спомнува дека во првите два месеци откако Иконата започнала да плаче „120 000 луѓе ја посетиле Иконата, стоејќи во линија која понекогаш се протегала и неколку улици надолу“. Илјадници луѓе досега отишле на поклоничко патување во Црквата во Сисеро за да се помолат на Иконата што плаче. И до денешен ден, повеќе од 17 години откако за првпат се јавило чудото, верниците продолжуваат да доаѓаат. Поклоници од разни кругови, возрасти и верски деноминации непрекидно ја посетуваат Антиохиската Црква за да ја видат Иконата. Како што ме извести отец Николас, различни луѓе сакаат да ја видат иконата заради различни причини. Некои доаѓаат заради љубопитност, некои барајќи чуда во своите сопствени животи...Некои, пак, едноставно за да се помолат пред Иконата на Божјата Мајка. Меѓу овие, последните, како што рече отецот, најбројни биле Католиците и оние од Шпанско потекло, примарно заради нивната длабока почит кон Богородица. Претпоставувам дека не е лесно за клирот на Црквата Свети Георгиј постојано да се соочува со такви непрекидни посети. Сепак, поаѓајки од моето лично искуство, јас сум сигурен дека тие најљубезно го пречекуваат секого што доаѓа да ја види Иконата.
Во една објава од Мај 2010 во списанието „Cicero Town Magazine“ е изјавено дека Граноначалникот на Сисеро - Larry Dominick и градската управа донеле Резолуција со која се одбележува 16-годишнината од пројавувањето на чудото со Иконата на Богородица (Чудотворната Госпоѓа од Сисеро). Градоначалникот Dominick ја пофалил Црквата Свети Георгиј, велејќи: „Благоловени сме што имаме вакво чудо во нашето место, чудо кое им носи надеж на сите оние на кои им е потребна“. Резолуцијата била примена од отец Николас Дахдал, во име на Црквата Свети Георгиј.
Иако на Иконата од Сисеро најчесто се гледа како на прекрасно чудо, некои нејзиното плачење го сметаат за лош знак. Од друга страна, пак, мнозина овој феномен го гледаат чисто како јавување на Божјата благодат меѓу луѓето. Ипоѓаконот во Црквата Свети Георгиј (домот на Иконата од Сисеро) има изјавено: „На прашањето дали плачењето на Нашата Госпоѓа е добро или лошо, ќе одговорам дека луѓето овде сеуште не се потполно согласни околу тоа. Многу извонредни нешта произлегоа од ова чудо; дури и денес луѓето физички и духовно се лекуваат од Нејзините солзи и молејќи се пред Нејзината Икона. Но, земајќи го во предвид фактот дека поголем дел од нашето стадо се Либанци и Палестинци, можно е Нејзините солзи да беа предзнак на хоророт што се спремаше да дојде во тие краеви.“
Отец Николас верува дека иконата е порака од Бога. „Нашата Црква е Православна. Јас сум Палестинец. Скоро сите од нашата парохија се од Блискиот Исток. Ова е многу нестабилен регион во светот. Верувам дека Иконата е знак да се разбудиме и ни кажува дека треба да се молиме за светот. Светот не се движи во добар правец.“ Отец Николас ми спомна дека тој не гледал радост во очите на Иконата и многу пати се молел таа да престане да плаче.
Во едно парохиско писмо објавено на интернет стои: „Ние, парохијаните на Црквата Свети Георгиј сме понизни пред Господовото присуство и се чувствуваме недостојни за ваквата чест. Се молиме да бидеме просветени (од Бога) во нашите обиди да одговориме на оваа јасна порака. Ги замолуваме сите кои го читаат ова – синови и ќерки на Прељубезната и Преблагословена Мајка – да ни помогнат да ја отстраниме причината за Нејзиното страдање. Ајде да се одвратиме од насилството, омразата и неморалноста. ЗАЕДНО МОЖЕМЕ ДА ПОСТИГНЕМЕ МНОГУ, и заедно ќе ги претвориме солзите на Иконата во солзи на радост“.
Во објавата „Зошто иконите плачат“, отец Paul O’Callaghan вели дека иако типично таквите икони автоматски асоцираат на тага, сепак постои и едно поразлично објаснување. Посебно кога станува збор за Иконата од Сисеро, тој посочува на фактот дека течноста што излегува од очите на Богородица не е како вода, туку масловидна и со пријатна арома. Понатаму тој објаснува дека во Црквата оваа течност е позната како „миро“, кое се смета за благопријатен мелем. Според отец O’Callaghan: “фактот дека од очите на Дева истекуваат солзи на миро би значело дека Таа ја точи Својата милост и сочувство кон човечкиот род, кому му е потребно исцеление и благодат. Значи, ако се интерпретира на овој начин, плачењето не е толку многу тврдење дека светот е во уникатно погубна положба, туку е потсетување дека милоста, благодатта и исцелителната моќ на Светиот Дух се сеуште со нас во Црквата, преку посредувањето на Божјата Мајка.“
Но, кој би можел со сигурност да тврди зошто ни е дадена оваа чудесна појава?... Сепак, иако никој не може непогрешливо да каже зошто иконата на Божјата Мајка плачела, ние сигурно нема да погрешиме доколку го прифатиме овој феномен како чудо од Бога, кое Он ни го пратил со одредена за нас душеполезна цел. Во врска со ова, владика Димитриј од Антиохиската Северно-Американска Епархија има изјавено: „Чудата ни се дадени од Бога за да не поучат и охрабрат, како и за да ја зацврстат нашата вера. Христијанството започнало со чуда, ние веруваме во чуда и веруваме дека тие постојано се случуваат“.
Пишувајќи го овој есеј, во мене се враќаат прекрасни чувства. Истите оние чувства кои ги доживеав стоејќи до Иконата и гледајќи во очите на Богородица. Се сеќавам дека во тие мигови се чувствував целосно изолиран; како се околу мене да постанува неважно, а во мислите навираше гласот на совеста: „ти не си сам“. Нејзините очи знаеа дека трагав по вистината и буквално го пратеа секое мое движење. Додека со погледот ги следев долгите трагови од солзите, од внатрешноста ми извираа морници; се чувствував потполно смирен и неподвижен.
Сега, и со затворени очи, сеуште можам да ги почувствувам очите на Божјата Мајка кои гледаат во мене, продирајќи низ мојата душа. Престанав да се прашувам. Повеќе не барам одговор. Изреката „ќе поверувам кога ќе видам“ сосема се трансформира, надминувајќи ги сите ограничувања претходно отелотворени во мене, пречекорувајќи преку сиот агностицизам и претворајќи се во целосно прифаќање на доктрините за Господовите чуда. Сега, во сосема нова форма, овековечена е со овој есеј.
Превод од англиски: С.Л.
1 Archpriest O’Callaghan, Paul. “Why do icons weep?” The Word Magazine, September 1994: 13-15.
2 Ибид
3 Цитирано од Joseph Norman P. B. "Weeping Icon/Archpastoral Proclamation," message to Orthodox Christianity mailing list, May 10, 1994
4 Bloomberg, David. “Who is crying now?”, The official newsletter of the Rational Examination Association of Lincoln Land
5 The Cicero Town Magazine, Vol. 9 No. 5, May 2010
6 Свештеник Olnhausen, Bill. The Milwaukee Sentinel, July 16, 1994: p.5
7 The Cicero Town Magazine, Vol. 9 No. 5, May 2010
8 http://www.orthodoxchristianity.net/
9 www.visionsofjesuschrist.com/weeping6.htm
10 http://www.stlukeorthodox.com/
11 Archpriest O’Callaghan, Paul. “Why do icons weep?” The Word Magazine, September 1994: 13-15
12 www.antiochian.org/news/Release20030714statement_on_bishop_demetri.htm