Икона (гр. εικων, лат. imago, икона, лик, слика, представа):
Како сликовна претстава, иконата може да има историска, естетска и археолошка карактеристика, но таа не припаѓа на сакралната уметност, туку на Црковно богослужење, заедно со Светото Писмо и Светите Тајни. Таа не е некој украс, табло или фигуративно представување, туку визуелно соопштување на невидливата божја стварност, манифестирани во времето и во просторот. Затоа визуелната контемплација има иста вредност за примање на Тајните Божји откриени во историјата на Спасението како и усмено исповедување или напишана порака. За православната теологија, темелот на иконата или символичното прикажување навистина е вистинско Овоплотување на Синот Божји: „И Логосот постана тело“ (Јован 1,14). Икона е последица на Овоплотувањето, затоа што е Христос „икона на Богот невидлив“ (кол.1,15).
Иконата во историјата на Црквата
Црковниот став према култот на иконата постетено се искристизирал низ повеќе етапи. Ориген и Тертулијан не зборуваат во прилог на иконата, исто така ниту Јевсевије Кесариски (263-339), кој сепак признава дека видел икони кои ги преставуваат Христос и Апостолите. Многу било популарно во тоа време мислењето дека постоел автентичен лик Христов. Св. Василие Велики ја споредува функцијата на општење кон иконата со функцијата на зборовите: „што е зборот за слушање, тоа е иконата за видот“. Св. Јован Златоуст вели дека иконата е гаранција на стварноста, видливо Овоплотување на Бога. Св.Јован Дамаскин (околу 730-760) ја одредил теологијата на иконата во нејзина класична форма. За него иконата почива на фактот вселување на човековата природа во ипостасот на Логосот. На крај, Седмиот Васеленски Собор (Никеја, Витинија, 788), повикан против иконоборството, со допринос на патријархот Тарасија (784-806) го одредува православното учење за иконографското представување на Христос, Мајката Божја, ангелите и светителите.
Црковни канони за иконите
* Иконите не се почитуване на материјалното, во суштина (не се почитува иконата идолопоклонички, како богови, како што верувале иконоборците), туку на темелот од сличноста на претставениот лик со личноста чие име треба да се напиши на иконата. Самото укажување на името на Исус Христос или Светиот, иконата се осветува. Ако се избриши контурата или името на светата личност, иконата ја губи символичката и аналошката вредност, и со тоа се спалува. Ист е случајот и со крстот, кој го прима осветувањето со самиот свој облик; ако се деградира тој облик или неговото дрво, тој се спалува. Према тоа, секое почитување упатено кон иконата припаѓа на насликаната личност (на оригиналот), а не на материјата од која е изработена.
* Православната традиција прави разлика помеѓу:
1. Латријата, адорацијата (клањање, богопоштовање) кое припаѓа на самиот Христос како Седржител (и лебот и виното претворени во Тело и Крв Господови, сходно со помесниот собор 1084 г. под патријархот Николај, во време на царот Алексие Комнен),
2. Ипердулијата или надпочитување кое припаѓа на Мајката Божја како Богородица,
3. Венерацијата или почитувањето кое припаѓа на Светиите поради нивната блискост со Христос.
* Природата Божја - Света Троица неможе сликовно да се претстави, бидејќи е невидлива и без облик. Сепак, Отецот се представува онака како се јавувал на виденијата на пророците и богојавувањата од Стариот Завет (во облик на момок, во средба со Авраам - Пост.18,1-3). Светиот Дух се претставува во вид на гулаб кој доаѓа во приликата на јавувањето на Троица на Крштението на Исуса Христа во реката Јордан (Матеј 3,16). Виденијата, теофанијата (богојавување) и другите случки од историјата на Спасението, можат да се сликаат и почитуваат. Иконографот треба во се да ги почитува податоците од Светото Писмо.
* Во историјата на Црквата, особено во доменот на мисијата на катихизирањето и религиозното поучување, иконите имале одлучувачка улога. Иконата има:
1. Дидактичка функција, бидејќи иконографијата е сметана како катихизис на учените и неуките,
2. Контеплативна функција, бидејќи го сугерира и привлекува духот кон преобразениот свет,
3. Посредничка функција, затоа што ја предава невидливата сила на светоста на живописанието.
Од тие причини иконите треба да се бакнуваат и целиваат со најголема побожност. Во Православната историја познати се чудотворни икони, чија тајна останува неоткриена. Било да се насликани од светии, било поради силна вера на оној кој ги почитува, било да се одбрани како орудие во божествената икономија, тие икони се најскапото отечко заветување во Православната побожност. Последниве децении некои неправославни конфесии како и историчарите на уметноста ја разоткрија вистинската вредност на иконата. Така иконата станува симбол на медитацијата и откривението, бидејќи: сведочи за светото и Божественото присуство во времето и просторот, во делон на Овоплотувањето, или Восреснувањето на Неговиот Син, ја соопштува визуелната невидлива божествена стварност која доаѓа како перцепција на чулата, ја наговестува светлоста на Идниот Век, состојбата на обожувањете или точката на средба на историското време со вечноста; го признава човечкото учество во преобразувањето на творбата.
Беседа изречена од св. Јован Дамаскин
Бидејќи некои не прекоруваат што се поклонуваме на иконите и ги почитуваме иконите на Спасителот и Владичицата наша, како и иконите на останатите светители и угодници Христови, нека слушнат дека Бог од почетокот го створил човекот по сопствената икона (слика, образ). Поради што, се поклонуваме еден на друг, ако не затоа што сме создадени по иконата Божја? Како што вели богоносниот и знајниот на божествените работи, Василие, почитувањето упатено на иконата, достигнува до праобразот; „а праобразот (прволик, прототип) е она што на иконата е изобразено, од кое произлегува образот. Поради што Мојсеевиот народ, застанат во круг, се поклонувал на шаторот, кој бил икона и образ на небесните стварности, или на целокупната творба? Господ Бог му вели на Мојсије: „Гледај, па направи го се ова по сликата (образот) која ти е покажана на гората. Зарем, херувимите кои правеле сенка на жртвеникот не се дело од човечката рака? Што ли е прочуениот храм во Ерусалим? Нели е ракотворен и од човечката вештина на нивните раце.
Божественото писмо, меѓутоа, ги осудува оние кои се поклонуваат на киповите, но и оние кои принесуваат жртви на демоните. Јелините принесувале жртви, а принесувале жртви и Јудеите; меѓутоа, Јелините жртвите ги принесувале на демоните, а Јудеите на Бога. И беше Јелинското жртвопринесување отфрлено и осудено, а жртвата на праведните прифатена од Бога. Бидејќи Ное принесе жртва и Господ Бог омириса мирис од праведник, зошто прими мирис на добра воља и благодарност упатена Нему. Така, киповите јелински, го преставувале изобразувањето демонско, и биле отфрлени и забранети.
Згора на тоа, кој е во состојба да го изобрази невидливиот и безтелесниот, неописивиот и неизобразивиот Бог. Према тоа, изобразувањето на она што е божествено знак е на крајно безумие и бесчестие. Оттука во стариот завет небила вообичена употребата на иконата. Меѓутоа бидејќи Бог поради својата голема милост постанал човек за нашето спасение, и тоа не онака во човешки облик како што се јавил на Авраама или пророците, туку навистина суштински постанал човек живеел на земјата и со луѓето, па чудотворел, страдал, бил распнат, воскреснал, и се вознесол, и сето тоа навистина се случило, и луѓето тоа го виделе, и запишано е тоа, па затоа да се сеќаваме на тоа и поучиме и ние кои тогаш не сме биле присутни, да иако несме виделе поверуваме ќе се удостоиме со блаженствата Господови. Бидејќи сите не се вични на писмото, ниту читаат, затоа светите отци одлучија тоа, како некакви исклучителни дела, да биде на иконите запишано, поради кратки помени. Навистина многу пати немајќи го на ум Христовото страдање, кога ќе го видиме на икона Христовото распнување ни доаѓа во сеќевање спасоносното страдање, и паѓајќи на земја се поклонуваме, не на материјата, туку на оној кој е на иконата изобразен, како што не се поклонуваме на материјата на Евангелието ниту на материјата на крстот, туку на нивниот вообраз. Бидејќи по што се разликува крстот кој на себе го нема образот Господов од оној кој го има? Исто така кога станува збор за Богоматеријата: бидејќи почитувањето кое е кон неа прикажано, го упатуваме кон Оној кој од неа се восплотил. На сличен начин и големите дела кој ги створиле Светителите не потстикнуваат на човечност и ревност и подржување на нивните предности и славата Божја. Бидејќи како што спомнавме, почита која ја укажуваме кон благодарните сослужителите ја покажува благонаклоноста кон заедничкиот Владика, и почитување кон иконата преоѓа на прволикот. Тоа е всушност не запишано предание, како што е поклонувањето кон исток, поклонување на крстот и многу друго слично на тоа.
Се кажува и некое предание дека царот Авгар кој владеел во градот Едеса, го испратил сликарот да го изобрази ликот Господов, но тој не бил во состојба поради заслепувачки блесок на Неговото лице. А Господ го приклонил своето лице на едно платно и го изобразил на него својот лик и така му го испратил на Авгар, кој тоа го сакал.
А дека апостолите многу тоа незапишано ни го предадоа, за тоа пишува апостол Павле, апостол на народот: „Значи така браќа, застанете цврсто и придржувајте се кон преданијата, на кои сте научени, било преку нашиот збор или преку посланија“. А на Коринтјаните им напишал: „Ве пофалувам, браќа, што се мое паметите и го вршите преданија како што Ви го предадов“.
св. Јован Дамаскин
Подготви: јеромонах Доситеј (Бигорски манастир)
Посети: 3036