ЗОШТО СВЕТОТ ГИ МРАЗИ ПРАВЕДНИЦИТЕ

 

 

Свети Нифонт

— Кажи ми, оче, те молам, уште нешто: зошто повеќето луѓе ги мразат праведниците? Зошто ги презираат? Зошто се соблазнуваат од нив? И зошто, од друга страна, има малкумина што ги почитуваат?

— На праведниците многу им користи, чедо мое, човечкиот презир. Ним им прилега, би рекол, како што на небото му прилегаат ѕвездите. Јас дури видов еден добродетелен човек кој за еден ден заработи педесет венци поради туѓото злословење.

— А на кој начин ги освоил? — праша братот во недоумица.

— Слушај: тој човек живееше во Вуколи. Беше угледен и достоен за почит. Им направи многу добро на луѓето меѓу кои живееше и сите ги сакаше како Божји ангели. А сепак, лукавиот ги прелажа и тие почнаа да чувствуваат одбивност кон својот добротвор, како тој да е злосторник. Едни зборуваа дека е подмолен, други дека е развратен, трети дека е крадец, а четврти дека е еретик!

Гледаш, ѓаволот има обичај светите луѓе да ги оцрнува преку устите на грешните луѓе.

Но човекот за кого зборувам, слушајќи ги тие клевети, искрено се радуваше и Му благодареше на Бога:

„Господи, покажи ја Својата милост кон оние што ме мразат, што ме клеветат и ме оцрнуваат. Никој од моите браќа да не претрпи никакво зло поради мене, грешниот, ниту во овој живот, ниту во идниот, туку скрши ги лукавите демони што ги поттикнаа против мене и направи тие да исчезнат.

Те молам, Боже мој, како што не се одврати од мене, нечистиот, колку и да сум згрешил и колку пати да сум прибегнал кон Твоето милосрдие барајќи прошка, така и сега немој да се одвратиш од нив што го обвинија Твојот непотребен слуга.

Напротив, освети ги со Твојата милост и покриј ги со Твојата благост.“

Така се молеше, возљубен брате, тој праведник за оние што го мразеа и зборуваа зло за него!

И погледни какво чудо се случи: секогаш кога тој се принудуваше себеси и се молеше за своите непријатели, слегуваше ангел Господов и му ставаше на главата небесен венец, украсен со дијаманти.

Самиот тој, се разбира, не го чувствуваше тоа, зашто Бог невидливо го овенчуваше...

Затоа, чедо мое, добриот Бог често дозволува добродетелните луѓе да бидат злословени и понижувани, за така да ги умножат своите венци, награди и небесната плата.

fb