Во еден манастир, за време на Литургијата, се случил силен земјотрес. Голем дел од присутните се исплашиле и панично избегале од црквата. Еден мал дел се исплашиле, почнале да гледаат лево-десно, но сепак останале на Литургијата. А само неколкумина воопшто не се ни поместиле од местото, како ништо да не се случува, продолжиле со својата молитва.
Црквата никогаш не била без духовни потреси. Од апостолско време, па сѐ до овие „последни времиња“, никогаш немало мир и стабилност, туку секогаш излегуваат разни информации за злоупотреби, неморал, разни скандали од редовите на свештенослужителите. Од дванаесетте ученици на Господ, Јуда се полакомил за пари, бил освоен од среброљубието, и го продал Господ за пари. Петар, иако бил многу ревносен и близок ученик на Господ, сведок на многу чудесни настани, сепак, од страв и срам се откажал од Господ, и тоа три пати. Потоа горко се каел цел живот. Тома не можел да поверува дека Христос е Господ, дека Он е ветениот Спасител (Месија) на светот, и со својата човечка логика барал видлив доказ дека Христос навистина воскреснал. Покажал маловерие и сомнеж. Ако такви биле дел од најблиските ученици на Господ, што да очекуваме од денешните ученици на Господ?
За овие времиња веќе Господ нѐ предупредил дека едвај ќе има вера на земјата, дека ќе се појават многу лажни проповедници и спасители, дека во светот ќе имаме маки, дека Црквата ќе биде само „малечко стадо“, но и дека вратите на пеколот нема да ја надвладеат. Оние кои се соблазнуваат од сѐ и сешто, на кои им пречат и најситните грешки во Црквата и без испитување критикуваат и оговараат за работи кои не им се ниту познати, ниту до крај испитани, личат на оние од горниот пример, кои први избегале од Црквата, при првиот потрес.
Оние кои се вознемируваат од лошите гласини и скандали за клирот, но сепак остануваат во Црквата, се како оние вторите, кои се вртат лево-десно, но сепак остануваат во Црквата. Иако збунети, разочарани, но сепак не бегаат како првите.
Оние кои не ги допираат скандалите во Црквата, кои ништо не ги одделува од љубовта на Господ, кои, што и да им се случува, секогаш се со молитва и славословие на усните, приличат на оние совршените, кои никаков потрес не ги вознемирува, ништо не им го одвлекува вниманието во духовниот живот, тоа се оние силните кои со силата на нивната вера го грабаат царството Божјо. Не сум еден од тие, но сум видел такви верници и духовници, кои на секој скандал одговараат со смирение, со приземна свест за себе дека тие се можеби и полоши од оној кој е осудуван, или, пак, како светогорските отци, кои на секоја лоша или соблазнителна вест велат „Господи помилуј“, и тука завршува разговорот. Ниту се интересираат за личностите или настаните или околностите на конкретниот скандал, ниту испитуваат некакви детали, туку невознемирени ја продолжуваат својата духовна борба. Се молат и за себе и за оној кој згрешил.
Искушенијата Бог ни ги испраќа или допушта токму затоа, за да се откријат нашите помисли. Според нашата реакција кон нив се разоткриваме какви верници сме всушност, и дали воопшто можеме да се наречеме православни христијани. Оние кои Црквата ја сметаат за златна рипка која исполнува желби, први се откажуваат и ја напуштаат, затоа што немаат здрава вера, затоа што наместо да Го бараат Христос, тие бараат нешто од Него, некаква корист. Додека, пак, оние кои доаѓаат само заради Христос, тие ќе останат како столбови непоколебливи, па било какви скандали и било какви гонења да се случат. Таквата вера спасува, таквата вера го привлекува благословот Божји.
Свештеник Јани Мулев
Православна светлина бр. 55