Филип Стојанов, теолог
Иван Кантурски, теолог
НОВО ДЕЛО – СОВРЕМЕНА БИБЛИСТИКА
Александар Мењ, Историја на религиите, Скопје 2010
Превел од руски јазик: Проф. д-р Ратомир Грозданоски
Најнапред да изнесеме збор-два за дејноста на писателот и творецот на едно вакво грандиозно дело, дело што го потхранува човековиот идеал и вера со знаење, дело што со сигурност би го привлекло нашето внимание и не би нè оставило рамнодушни, незаинтересирани, ладнокрвни и без сопствено мислење и коментар.
Александар Мењ, несомнено, е еден од најголемите пастири, научници – библисти, дејци, проповедници на светата Црква. Тој бил избраник на Господа да го шири „...Благовестието Божјо“ (Рим. 1, 1), како нов апостол во новово време. Неговиот научен труд и неговата широка лепеза на знаења безусловно ги вклучил во создавањето дела од многу области: од библиологијата, религијата, историјата на културата и литературата, кои ни ја смрзнуваат крвта и нè оставаат без здив. Имал многу исполнет живот и секој дел од секундата го користел рационално, служел во храмот, пишувал книги и статии, најразлични текстови, предавал на повеќе универзитети и училишта, со што целосно Му се предал на Бога.
Утрото на 21 септември, пред дваесет години, во Руска Мисла (Русская Мисль) излезе текст во чиј воведен дел имаше напишано: Постојат многу великани покрај кои се чувствуваш мал и незначаен. Но, вистинскиот великан е оној во чие присуство се чувствуваш почист, подобар и повреден. Таква личност беше отец Александар. Авторот на текстот беше московскиот свештеник Александар Борисов, близок пријател на отец Александар Мењ, односно на човекот чија смрт пред 12 дена од објавувањето на текстот се претвори во политички настан. Грозоморното убиство на отец Александар Мењ никогаш не доби расветлување. Диктирано од тогашниот режим излегоа неколку претпоставки во кои, главно, беше нагласен антисемитизмот како причина за убиството, иако на повеќето им беше јасно дека оваа информација е производ на пропагандата наметната од тогашното КГБ.
Правилното разбирање на неговите дела, а за нас конкретно и новопреведената Историја на религиите, зависи од специфичноста на неговата мисла и историскиот контекст во кој се пишувани делата. Во оваа смисла професорот Џон Х. Ериксон, декан на теолошката семинарија „Св. Владимир“ во Њујорк, потенцира: Како што теологијата, Христологијата и еклисиологијата на св. Игнатиј Богоносец правилно можат да бидат разбрани единствено во светлината на неговото мачеништво, слично и кај отец Мењ неговата теологија, Христологија и еклисиологија единствено може да биде разбрана во специфичните околности во кои живеел. А, пак, во воведниот дел од статијата на д-р Валас Л. Даниел, проректор на универзитетот Мерсер, објавена во списанието за пост-советска демократизација Демократизаццја (Демократизация), се вели: Мислата на Александар Мењ зазема посебен дел во Руската религиозна и културна традиција... Мењ ја пропагира отвореноста, толеранцијата и хуманоста како главни перспективи, централни за Руската црква ...Тие основи, тој верува, се искривени не само од владеачката елита, туку и од црковните авторитети. За поправање на тие основни принципи потребна е волја и имагинација, да се гледа минатото на нов начин, што тој го смета за главна цел на црковната мисија.
Јаков Кратов, историчар, новинар и свештеник, во својата статија во која се обидува да го демитологизира ликот на Мењ, вели дека творечкото дело на Александар Мењ е адресирано до неверниците, а во својата суштина најпрво е борба против атеистичките митови на Советската пропаганда.
Делата на Александар Мењ се каректеризираат со нагласување на креативноста како основна одлика на христијанството и центар на православното учење. Под влијание на руските филозофи на религијата: Соловјов, Берѓаев и Булгаков, тој длабоко се залага за персонализмот, т.е. за нагласување на длабочината на човечката личност во која постои духовната основа како извор на религиозното препознавање и духовното ослободување. Во неговите текстови се среќава идејата дека самото воплотување е врв на Божјата креација, кога Логосот, воплотувајќи се, ја благословува и спасува сета твар, изразувајќи ја Својата љубов и посветеност кон секој човек.
Според Мењ христијанството мора да остане отворено кон светот, бидејќи создадени според ликот и подобието Божјо мораме да го култивираме тоа вдахновение на слободата на духот. Потребно е исто така да се проширува погледот со кој го набљудува светот и во исто време да се продлабочуваме кон внатрешноста на личноста, барајќи ја длабочината на сопствената светост. Кај Мењ постои претпоставката дека уметничкиот импулс е истиот оној од кого се создадени сите големи религиски системи, затоа и несвесната потрага по апсолутот е иста и за двата типа на луѓе. Делови од тој апсолут се всемени и во самиот акт на уметничката креативност, па затоа во секое уметничко дело постои нијанса на религиски сензибилитет.
Неговата животна желба за создавање учебник по Историја на религиите, која била нецелосно исполнета поради неговата трагична смрт, е веќе минато. Желбата е реализирана во целост, благодарение на неговите пријатели и другари и на неговиот грандиозен и бесценет, научен архив што го оставил зад себе.
Делото Историја на религиите го дополнува широкиот дијапазон на научната работа на самиот автор, во кое ни дава и ни изложува неизмерно богатство на доста исцрпни и детални податоци од областа на религијата. Во него се опфатени многу значајни теми, пишувано е со стил и јазик разбирлив за сите, текстот е концизен и јасен, речениците се добро осмислени, дадени се многубројни примери, а ни е презентирана и неговата целокупна истражувача дејност. Тоа е направено на таков начин што ќе му го овозможи и ќе му го олесни пристапот на секој читател, без разлика на неговата возраст или, пак, на неговото образование, со што ја зголемува неговата вредност.
По филозофскиот вовед во кој авторот нè упатува во својството на верата како остварена врска помеѓу единката и Бог и интуицијата како спознајна сила на самата вера, настапува конкретната хронологија на излагање на религиските форми во која монотеистичките религии имаат предност во содржински квантитет пред политеизмот, со оглед на фактот што двете третини од книгата им припаѓаат на главите во кои е опфатено христијанството. Нужно се споменуваат и позначајните личности од античката филозофија со фокус на нивните идеи и карактерот на нивната религиозност.
Книгата е поделена на два дела: првиот дел „Во потрага по Патот, Вистината и Животот“ и вториот дел „Патот на христијанството“. Во првиот дел авторот истражува за историјата на религиите, а се говори за почетните верувања од доисториската мистика, па сè до претставувањето на живиот Бог, за појавата на древната израилска религија, која на светот му го дала ослободителскиот оган на Светлината и Вистината, за доаѓањето на Месијата, Неговиот живот и Неговата победа над смртта. Додека, пак, вториот дел го опфаќа периодот на илјада години по Христовото раѓање. Се говори за ширењето на христијанството, мисионерската работа на Христовите ученици, за првата христијанска империја, причините за големиот црковен раскол, за покрстувањето на Русите и присоединувањето на илјадници луѓе со огромна љубов кон Црквата.
Генералната идеја во Историја на религиите е дека низ секој религиозен систем Бог ни се открива постапно (прогресивно), каде врвот на таквото динамичко откровение е воплотувањето Христово како круна на сè.
Карактеристиките на ова книга се наоѓаат во едноставноста и убавината на стилот. Специфичниот тип на наративност при доближување на одредена тема и нејзината систематска разработка каде целта е синтентизирање на сè што е корисно и согласно со идејата на авторот.
За да се создаде ваков труд, потребно е да се вложат силни напори, трпение, макотрпна работа, многу непреспиени ноќи. Но, да не гледаме на тоа како нешто заморно и мачно, туку, напротив, сиот тој труд и сета таа работа e исполнета со Божјата љубов и со Христовата благодат.
Исто така, важен е и вложениот труд на преведувачот на ова дело, на оваа полезна читанка Историја на религиите, проф. д-р Ратомир Грозданоски. Тој, пак, несомнено, е нашиот најголем библист во Македонската православна црква, кој е изобилно даруван со Божјата љубов која му дава сила и неисцрпна енегргија да вложи големи напори, труд и деноноќна макотрпна работа за несебично да ни го даде ова дело. Не сакаше тоа да го знае само тој и сам да се насладува на неговата убавина, туку си зададе задача да го преведе трудот од руски јазик и да ни овозможи денес да го имаме достапен и разбирлив на нашиот македонски литературен јазик. Преку неговото предобро јазикознание и нему својствените преубави изразни форми, внимателно одбирајќи и селектирајќи ги зборовите, составува јасни и слаткоречливи речениците. Помакедончувањето го направил толку успешно што човек ќе помисли дека делото е пишувано на македонски јазик, а не преведувано. Внатре се вградил себеси, та дури и неговиот авторски израз е препознатлив. Тоа дише со неговите зборови и со неговата карактеристика во пишувањето, односно, со јаснотија, без ни мала неразбирливост, без конфузност и двосмисленост. Таквата успешност во преводот доаѓа оттаму што проф. д-р Ратомир Грозданоски, зад себе има повеќе напишани дела што претставуваат репрезент и се од огромно значење како за библистиката, така и за науката, културата и книжевноста... И тој не застанува тука, туку енергично продолжува да чекори по патот Господов и да создава трудови што ќе бидат од полза за студиите по теологија и полезни читанки и четива за секој читател, каков што е и новопреведениот труд на Александар Мењ, Историја на религиите.
Изданието е од Книгоиздателство ВиГ Зеница, Скопје со кое раководат познатите книжевници: проф. д-р Венко Андоновски и Глигор Стојковски.
Книгата ја има и по црквите во епархиите: Скопска, Повардарска, Дебарско-кичевска, Брегалничка и Полошко-кумановска епархија.