СВЕТА АРХИЕРЕЈСКА ЛИТУРГИЈА ВО МПЦ „СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ - АВОН, ОХАЈО
На ден 09 јануари оваа година кога МПЦ-ОА го прославува големиот Господски празник III ден БОЖИК и големиот светителски празник Свети Првомаченик и Архиѓакон Стефан, во нашата црква надлежниот епархиски архиереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Американско-канадски Господин Методиј во сослужение на парохискиот свештеник протоереј Васил Манасиев и епархискиот секретар ѓаконот Стеван Барјактаров отслужи Света Архиерејска Литургија. После светата богослужба владиката изврши мал водосвет и го пороси со света вода новоизградениот апсиден дел од светиот олтар. По повод светителскиот празник од страна на семејствата Доковски и Стевови беше принесена бескрвна жртва за нивните чеда кои го носат името на денешниот светител. По тој повод за здравје на своите деца и семејства истите приредија празничен ручек за сите присутни.
Во оваа прилика од името на нашата црква му го честитаме имениот ден на Поглаварот на нашата Света МПЦ-ОА, Негово Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, Г. Г. СТЕФАН.
Честит именден и за многу години Блаженејшиј Владико!
На многу години Високопреосвештени Владико!
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
Во името на МПЦ „Свети Климент Охридски“-Авон, Охајо
Известува: о.Васил Манасиев
http://www.svetiklimentohridski.com/