Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Матеј 9:27-35
27. А кога Исус си одеше оттаму, тргнаа по Него двајца слепи и викаа: „Помилуј нe, Исусе, сине Давидов!”
28. А штом дојде в куќи, слепците се приближија до Него. И Исус им рече: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?” Тие му рекоа: „Да, Господи!”
29. Тогаш се допре до очите нивни и рече: „Нека ви биде според верата ваша!”
30. И очите им се отворија; а Исус им заповеда строго: „Гледајте никој да не узнае!”
31. А тие, штом излегоа, разгласија за Него по целата таа земја.
32. Додека тие излегуваа, ете, доведоа при Него еден човек нем и бесен.
33. По изгонувањето на бесот, немиот проговори. А народот се чудеше и говореше: „Никогаш такво нешто не станало во Израилот!”
34. А фарисеите велеа: „Он ги изгонува бесовите со силата на началникот на ѓаволите.”
35. И одеше Исус по сите градови и села, и проучуваше по нивните синагоги, го проповедаше Евангелието на царството и лекуваше секаква болест и немоќ во народот.
Коментар на денешното евангелско четиво:
“Во денешното евангелско четиво опишани се две состојби. Првата е кога слепите повикуваат кон Богочовекот Христос: „Помилуј нѐ, Исусе, Сине Давидов!“ Оваа состојба го покажува првиот степен од духовниот раст – чистење на срцето од страстите. За овој степен се карактеристични усно-умствената молитва и очистувањето на енергијата на умот, но исто така, и сè уште присутната затвореност на срцето за молитвата и непросветленоста на умот, т.е. духовното слепило. Кај слепите ја забележуваме не само упорноста во усната молитва, туку и свеста дека се слепи и дека треба да се ослободат од тоа слепило. Слепите веруваат дека Христос може да ги исцели. Свесноста за својата грешност и слепило, како и свесноста дека само Бог може да нѐ исцели од неа се основните темели на православниот духовен живот. Истото важи и за сите нас. Треба да знаеме дека духовно сме слепи (немаме умно-срдечна молитва и просветлен ум), треба да веруваме дека Христос може да нè исцели и треба оваа наша вера да ја докажеме со што почесто призивање на името Исусово, во покајание, без да дозволиме некој или нешто да нè попречува. Значи, во покајание и анонимност, а не да учителствуваме и да осудуваме...
Втората состојба што може да се издвои во денешното евангелие е кога Христос направи слепите да прогледаат. „А штом дојде в куќи, слепците се приближија до Него. И Исус им рече: ’Верувате ли дека можам да го направам тоа?‘ Тие му рекоа: ’Да, Господи!‘ Само внатре во Црквата (в куќи), во нејзината Света Евхаристија, можеме вистински да Го исповедаме и да Му пристапиме на Богочовекот Христос, а потоа и да примиме исцеление од Него. Оваа состојба го покажува вториот степен од духовниот раст, а тоа е просветлувањето на умот. Просветлувањето, од една страна, претполага доволно очистена суштина на срцето од страстите, а од друга, тоа е Божји дар. Чистотата на срцето ја овозможува пројавата на благодатта на Крштението во него, како и симнувањето на умот во местото од каде што таа се пројавува.“