ГОДИШНИНA
110 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА АРХИЕПИСКОПОТ ГАВРИЛ
70 ГОДИНИ ОД ПЕЧАТЕЊЕТО НА ПРЕСТОЛНОТО ЕВАНГЕЛИЕ
На 4 март оваа година се навршуваат дваесет и шест години од упокојувањето на Архиепископот Гаврил, трет архиепископ на возобновената Охридска архиепископија, денес Македонска православна црква – Охридска архиепископија. Архиепикопот Гаврил ќе биде запаметен по неколку крупни успеси што ги направи во текот на својот живот и работата на МПЦ-ОА: тој го основаше и стана прв декан на Православниот богословски факултет; ја заврши градбата и го освети Соборниот храм во Скопје, посветен на „Свети Климент Охридски“; го изгради манастирот „Свети Наум Охридски-Чудотворец“ во Радишани, којшто стана негово вечно почивалиште и ја преведе Библијата на современ македонски литературен јазик. Она, пак, што се истакнуваше кај него како лична каректеристика беше неговата кроткост и вера во Господ Бог - Севишниот и неговото правилно раководење со словото на вистината.
Ја користам оваа прилика за да раскажам една вистинита случка од мојата пастирска „торба“, што ја нареков чудо за да се запамети: на седумгодишнината од упокојувањето на архиепикопот Гаврил наумив да служам литургија во манастирот „Сети Наум Охридски Чудотворец“ во Радишани, храмот каде што е погребан архиепископот Гаврил. Се подготвив за проскомидија и застанав пред жртвеникот, ја зедов просфората, ја благословив и почнав да ја сечам – таа тврда како камен, копјето не ја сече, а ниту ножот што се виткаше како жилет. Ах, дедо Гавриле – колку сакав да ти угодам денес, ама ништо од тоа. Излегов на северната врата и го барам клисарот да ми најде голем нож. Кога пред мене наеднаш се појави една жена; се брцна во торбата и извади два ножа, еден мал и друг голем – марка „цептер“. „Земете отец, ги купив за дар на манастирот!“ Ѝ заблагодарив на жената: ја благословив за дарот и се вратив пред жртвеникот. Проскомидијата ја завршив многу лесно и со молитвено расположение. На крајот од литургијата, за време на беседата чудесната случка им ја раскажав на насобраните верници. Тие се прекрстија и на излегувањето од храмот се поклонија, а некои го целиваа гробот на архепископот Гаврил. Се вратив дома и повторно случката ја раскажав пред домашните. Деновиве се сетив на настанот со ножевите и ми се уврте во главата, па си реков: зошто да не ја објавам оваа чудесна случка, нека остане запишана, зашто да не! Си реков и го сторив тоа!
Оче Гавриле, архипастиру наш,
кој и самиот во животот си страдал од епидемиска настинка и грип
и од тешка треска и си ги победил со молитва,
избави не од пандемијата што не снајде!
А.Г. Биографот