Првата Литургија на новото пречистанско сестринство18 / 31 јануари 2017 лето Господово
Кога, според благословот на Богородица, се исполни времето, во навечерието на празникот посветен на Св. Антониј Велики, богоизбраното Пречистанско сестринство символично од рацете на овој славен татко на монаштвото го прими „клучот“ на новото послушание, кое ги упати на монашки подвиг во Обителта на Богомајката Пречиста, устроена во планинските предели над Кичево. Така започна новиот монашки подвиг на пречистанските сестри, а секој благословен почеток бива крунисан со божествена Литургија. И токму затоа дел од братството и сестринството на Бигорската свештена Обител се собраа во прегратките на овој Богородичен манастир, за тука да ги соединат своите молитви во топла прозба кон Бога, за Он да го поткрепи со благодатни сили новото сестринство кое пожртвувано се стави во служба кон Мајката Божја и народот што таа толку усрдно го застапува. Сакајќи да им покаже дека во Небесната Владичица треба да ја гледаат својата Патеводителка, браќата и сестрите заедно со нивниот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, им подарија на сестрите прекрасна претстава од оваа чудотворна икона, која од сега па натаму ќе го украсува третиот трон во велелепниот храм. Но, всушност најубав подарок за пречистанските сестри и за сите присутни на светата Божествена Литургија беа топлите татковски наставленија на нашиот Старец, со кои тој ги поучи своите чеда и го благослови нивното ново место на подвиг:
„Мили мои, некако спонтано, но според чудесната и неискажлива Божја промисла, се случи токму на овој ден кога се слави Св. Атанасиј Велики да ја отслужиме првата света Литургија со новото Пречистанско сестринство. Светите Отци богомудро предвиделе на овој празник да се чита евангелското зачало: „Вие сте светлината на светот...“ Тогаш Господ им се обратил на Апостолите, но тоа важи и за сите нас, кои сме Христијани, потсетувајќи нѐ на таа голема одговорност: да бидеме светлина. Зашто Он Самиот е Светлина, па така и сите што ќе поверуваат во Него треба да бидат светлина. И како што ѕвездите ја подражаваат светлината на сонцето, така и ние луѓето треба да Го подражаваме Сонцето на правдата, Христос нашиот Господ, Кој е Светлина непристапна, Кој е неискажлив, неиспитлив, недостижен. По Неговата голема милост, ние се причестуваме со Него, ја примаме божествената благодат, божествените енергии, и така и самите стануваме светлина. Токму затоа Он нѐ потсетува на таа голема одговорност, не за да се гордееме пред другите дека со самото тоа што сме Христијани ние сме светлина на светот, туку преку подвиг да ја стекнуваме таа светлина, сепредано трудејќи се да одговориме на Божјиот призив да бидеме совршени во љубовта и милосрдието, како нашиот Отец Небесен. Само така ќе засветлиме и ќе станеме пример за другите. Затоа, на крајот од денешното Евангелие се вели: „А оној што ќе ги исполни и поучи, тој голем ќе се нарече во царството небесно“ (Матеј 5,19). Значи најпрвин е потребно да го исполниме светото Евангелие, а дури потоа да зборуваме за него.
Да се помолиме и за сестрите кои тука ќе се подвизуваат, Господ да им дава сила, да истраат во сите искушенија, да се подвизуваат со добар подвиг, патот да го изодат, верата докрај да ја сочуваат и добар одговор пред Страшниот Христов Суд да дадат. Да засветлат со својот подвиг пред народот, онака како што при полагањето завет се благословени од оној што ги монаши, давајќи им ја свеќата во рацете и велејќи им: „Така да се светли вашата светлост пред луѓето, да ги видат вашите добри дела во слава на вашиот Отец Кој е на небесата“ (Матеј 5,16). Голема е одговорноста што Господ и Неговата Пресвета Мајка ја ставаат пред ова ново сестринство, бидејќи овој манастир е голема светиња која низ историјата многу допринела за духовно издигнување на нашиот народ. Во времето кога бев ученик и за прв пат го посетив ова место, се восхитив од убавината на овој огромен храм. И на секое мое доаѓање одново се восхитувам на оваа прекрасна архитектура и во срцето им се поклонувам на нашите предци кои биле толку силни во верата, што изградиле ваков храм. Тие навистина се труделе да бидат светлина. Гледајте какво светилиште направиле на врв планина! Со тоа, всушност, сакале да ја покажат својата внатрешна вера: дека Христос треба да го зазема највозвишеното место. Тие најнапред Христос Го поставиле највисоко во своите животи, а потоа и храмот го изградиле на највисоко, за сите да го гледаат. И навистина, овој манастир, овој храм се гледа отсекаде. Колку јасно се гледа од Кичево! Се гледа дури и од патот што води кон Битола. Како некое светило што не може да се сокрие на врв планина, тој и денес сведочи за силната вера на нашите предци. Оти, во Евангелието се вели: „Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина. Ниту, пак, светило се пали и клава под поклоп, туку на свеќник, и им свети на сите в куќи“(Матеј 5,14-15). Но, манастирот ни е и потсетник дека подобно на нашите предци и ние треба да бидеме светлина. Дај Боже да го подражаваме нивниот пример, односно нашето срце да го претвориме во храм Божји, онака како што сака Господ, Кој нѐ повикува сите да бидеме храмови Божји. И дај Боже целиот наш народ да стане еден Божји храм, една Црква Божја!“
Извор: Бигорски манастир