Г.г. Стефан: Да им правиме на другите тоа што сакаме другите да ни го прават
Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, до сите верници од православна вероисповед упати порака по повод претстојниот христијански празник, Велигден.
- По најголемата трагедија што се случи на Велики петок, кога човекот го осуди Бога, еве го денот на правдата, денот на радоста - денот на животот. Оттаму, воскресението има централно место и е најважен настан во учењето и во животот на светата црква. И ние, коишто, веруваме во Христа - веруваме во Неговото воскресение. Христовата победа над смртта е победа којашто Синот Божји ја извојува за целокупното човештво и за сиот свет. Смртта е победена за сите и засекогаш, но секој и насекаде треба да учествува во таа победа - вели г.г. Стефан во пораката.
Благодатта од Христовото воскресение е неисцрпен извор за спасение, вели г.г. Стефан и додава дека за да бидеме достојни чеда и следбеници на воскреснатиот Господ, должни сме да живееме според заповедите и учењето на светата црква.
- Како што Бог не возљуби и ни даде пример и ние да се љубиме еден со друг и да им правиме на другите тоа што сакаме другите да ни го прават. Да се радуваме и со радоста да го сведочиме сепобедното воскресение и денес и во сите денови! Амин! Христос воскресе! - вели поглаварот на МПЦ во пораката по повод Велигден.
Главно обележје на велигденските празници се црвените јајца. Тие се симбол за животот и новото раѓање, т.е. воскреснувањето. Според традицијата, првите јајца се бојадисуваат на Велики Четврток. (Извор: Вечер)