„Слушнавме во денешниот апостол каков беше распоредот на Старозаветниот храм: како да изгледа скинијата, каде да бидат светилникот, трпезата и лебовото предложение, сè согласно наредбите за богослужење и земно светилиште (Eвр. 9, 1-2). И денешното осветување на светиот престол е своевиден остаток од Стариот Завет. Овие надворешни форми и правила инаку не се превосходни во Новиот Завет и, уште, ние не смееме од нив да правиме идоли. А идоли правиме кога мислиме дека тоа е нешто најважно, поважно од човекот, и дека е тоа сѐ што Господ ни дал. И од себеси правиме идол кога престануваме духовно да растеме, кога отпаѓаме од покајанието; односно, кога се задоволуваме со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме, а не сфаќаме дека од тој момент па натаму сѐ е само пад. Во духовниот живот нема стоење во место, нема status quo, има само растење или паѓање.
Стариот Завет е очистување. Новиот е просветлување. Царството Небесно е обожение. Стариот Завет е само сенка. Новиот е икона. Царството Небесно е вистина. Стариот Завет е педагог кон Новиот. А Новиот е мистагог (тајноводач) кон Есхатонот, кон Царството Небесно. Секое наше запирање пред целта е опасност која води кон идолопоклонство“.
30-ти јануари, лето Господово 2014