ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светата Христова
мироносица Саломија
3 август / 16 август
О мајко апостолова,
ти која славата Божја пред сé ја посакуваше,
Тебе Христос умот ти го озари,
до познание дојде дека волјата Господова е над секоја желба човечка,
зошто Он знае колкава тежина на Крстот треба да понесеме.
Мајко Саломие, моли се о ти мироносице,
Христос тежините да ни ги олеснува
и Неговиот благ јарем да го прифатиме.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобниот отец
Козма подвижник
3 август / 16 август
Расудувањето како дар од Бога се приви
за разумот твој о, Козмо подвижниче Христов,
мерка зеде на времето минливо
и безвременост доби во Царството Небесно.
Затоа за нас моли се оче преподобен,
од Бога да измолиме спасение за нашите души.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобниот отец
Антониј Римјанин
3 август / 16 август
О, велики Антоние, кој се удостои да бидеш
положен во рацете на Каменот аголен,
радувај се оче преподобен бидејќи на Тој брод
далечина нема и времето земно мирува.
А ти, солзна покривка радосна даде
на душата твоја: приведувајќи мнозина
кон Христа, пастиру Господов.
Моли се за нас странецу земен
на кого денес чест воздаваме и на твоите
нетлени мошти се поклонуваме.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобните отци
Исакиј, Далмат и Фавст
3 август / 16 август
Напојувајќи се од добриот корен,
Исакиј угодникот Господов, Далмате и Фавсте,
се припремивте за Небесната татковина
презирајќи го минливото и суетно живеење.
Затоа со разум благодатен наградени бевте,
и сега ве молиме за нас да се застапите
пред Домостроителот на нашето спасение.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
Христов маченик
Ражден
3 август / 16 август
Чествување денес воздаваме
на маченикот Христов Ражден светиот,
кој земниот род оставајќи го,
се присоедини кон небесните жители,
и од темнината на смртната сенка
беше возведен во светлината незалезна.
По неговите свети молитви
Господи спаси и сочувај!
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобната
Теоклита чудотворка
3 август / 16 август
Облагодатена слугинко Господова,
Теоклито света, Безвремениот рака ти подаде,
и ти прими вечност од Вечноста
поради трудовите за Христа принесени
и молитвите кои немаат граници,
затоа и нас Спасителот по твоите молитви свети
на Царство Небесно да нѐ удостои.
Извор МПЦ – ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (16.08.2020)
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2023 лето Господово
Од Верскиот календар:
Света мироносица Саломија
Мајката на Светите апостоли Јаков и Јован. Жена на Заведеј, а ќерка на праведниот Јосиф. Му служеше на Господ за време на Неговиот земен живот и се удостои да биде меѓу првовесниците на Неговото воскресение.
Преподобните Исакиј, Далмат и Фауст
Исакиј се празнува уште еднаш посебно (под 30 мај). Свети Далмат најнапред беше офицер кај царот Теодосиј Велики и царот го чуваше во голема чест. Но кога во него се разбуди духот, тој презре сѐ светско, го напушти чинот, го зеде својот син единец Фауст и со него отиде во предградието на Цариград, во обителта на Свети Исакиј, каде што обајцата примија монашки потстриг. Далмат сиот му се предаде на богоугодниот живот, на голема радост на старецот Исакиј. И кога му се приближи смртниот час, старецот го постави Далмат за игумен наместо себеси. Подоцна таа обител по него се нарече Далматска.
Преподобен Антониј Римјанин
Роден е во Рим во 1086 година, од родители благочестиви и имотни. Во тоа време Римската црква се одвои од Источната и сите што ѝ останаа верни на Источната Црква беа гонети од римскиот клир. Меѓу гонетите беше и Антониј. Тој го раздаде сиот наследен имот и се замонаши. Се подвизуваше стоејќи на една карпа во морето четиринаесет месеци. Но карпата се одвои од својата основа и по некоја чудна промисла доплови во Новгород. Во Новгород љубезно го прими архиерејот Никита и му помогна да ѝ подигне црква на Пресвета Богородица, каде што потоа се крена манастир. Поживеа Свети Антониј долго како игумен на манастирот, пројави голема благодатна сила преку многу извршени чуда и се упокои мирно во 1146 година, кога се пресели во дворците на Господ.