Поука на оние што безмолствуваат (во сто глави)
40. За тоа дека раздавањето на Божјите дарови станува не само според големината на нашиот подвиг и нашата работа, како што рековме, туку и според нашата навика и нашите способности, според верата и нашата природна предрасположеност
Треба да го знаеме и тоа, дека раздавањето на Божјите дарови станува не само според големината на нашиот подвиг и нашата работа, како што рековме, туку и според нашата навика и нашите способности, според верата и нашата природна предрасположеност.
Свети Максим Исповедник говориː „Умот е орган на премудроста; разумот е орган на знаењето“ и на едното и на другото органот им е убедувањето, но и кон едното и кон другото е присутна верата, а природното човекољубие е орган на дарот на лекувањето. Зашто секој Божји благодатен дар му се дава на оној што природно има способност за него – како сила, како навика или како предрасположение. Именоː оној што го направил својот ум чист од секакви сетивни мечтаења, тој ќе добие премудрост; оној што го поставил својот разум да биде господар на вродените во нас страсти, мислиме, над гневот и над похотите, тој ќе добие знаење; оној што според својот ум има непоколеблива убеденост во божествените работи, тој ќе ја добие верата, која може сѐ; оној што преуспеал во природното човекољубие, тој, откако ќе го победи своето самољубие, го прима дарот на исцелувањето. “ И сето ова е така.
А ти, гледај никој да не ги знае твоите дела, освен твојот настојател или твојот духовен раководител, молејќи се усрдно и за нас недостојните, кои говориме за доброто, но не го правиме, да се удостоиме да го правиме она што Му е угодно на Бога, а потоа да им говориме на другите и да ги советуваме. Зашто, според зборовите на Господа, „оној што ќе исполни и поучи, тој голем ќе се нарече во царството небесно“ (Матеј 5, 19), а тебе, Седржителот и милостивиот Господ, да ти подари сила да го ислушаш сето ова со разбирање и да го извршуваш со целосна усрдност, зашто, според зборовите на божествениот Павле, „пред Бога не се праведни оние, што го слушаат Законот, а ќе бидат оправдани само оние, што го исполнуваат Законот“ (Рим. 2, 13). И да те научи Бог на секое добро и спасително дело, а во престојното умствено и свето работење да те раководи Светиот Дух, по молитвите на сите светии. Амин.
Но, бидејќи, понапред рековме нешто за дејствителната расудителност, а сега е време кога треба да кажеме повеќе накусо, според нашите сили, за сеобемната и најсовршена расудителност, зашто таа е поголема од сите добродетели, според сведоштвото на нашите велики отци.
41. За сеобемната и најсовршена расудителност, како и за оние што живеат противприродно и плотски, природно и душевно, и оние што живеат натприродно и духовно
Оној што живее плотски и противприродно и што дејствува така, тој сосема ја загубил својата расудливост, а оној што се отклонил од неа и поставил почеток да прави добро, како што е напишаноː „нека се клони од зло и нека прави добро“ (Псал. 33, 14), тој, бидејќи уште навлегува во областа на доброто и го приклонува своето уво кон учењето, некако проникнува кон некакво чувство на расудливост, која му е својствена на почетникот во духовноста, во монашкиот живот. А оној што живее и дејствува душевно и разумно, поради што се нарекува и среден, тој, според својот степен на издигнатост, го гледа и го опсудува и она што се однесува и што не се однесува на оние што се слични како него. На крајот, оние што се над природата и што живеат духовно, бидејќи ги изминале степените на страсното, почетништвото во монаштвото и средината, како и оние, кои, со помошта на Христовата благодат, достигнале совршенство, односно вистинската просветленост и најсовршената расудителност, се гледаат себеси најјасно, а ги гледаат сите и за сите расудуваат точно, а тие самите не се од никого точно видени и никој за нив не расудува така како што е, иако сите ги имаат пред себе и ги гледаат, како што говори апостолотː „Духовниот, пак, човек испитува сѐ, а него никој не го испитува“ (Кор. 2, 15).
42. Уште за расудителноста и за споредувањата
Од овие што ги спомнавме, првиот е сличен на оној што оди по длабока ноќ и низ непрониклива темнина, така што, талкајќи низ непрегледната темнина, не само што не гледа и нерасудува, туку и не знае каде оди и каде ги насочува своите чекори, како што вели Спасителотː „Кој оди по мрак, не знае каде оди“ (Јован 12, 35).
Вториот е сличен на оној што оди низ осветлена ноќ, осветлена од ѕвездите, често се препнува од камењата на нерасудителноста и не ретко паѓа. Тој малку се гледа себеси, а ги гледа и сенките околу себе, нешто гледа и за нешто расудува како што е напишаноː „Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли“ (Ефес. 5, 14).
Третиот е сличен на оној што оди во ноќ, која е осветлена со полна месечина; нему патот му го осветлуваат зраците на месечината. Тој оди сигурно и гледа прилично далеку пред себе; се гледа себеси како во огледало и расудува и за себе и за оние што одат со него, според апостолските зборовиː „Ние имаме нешто уште поверно, а тоа е пророчкото слово; и добро правите што на него му обрнувате внимание, како на светило што свети на темно место, додека денот осамне и Деницата засвети во вашите срца“ (2. Петр. 1, 19).
Четвртите се слични на оние што одат на пладне, кога денот е јасен и сончев; тие и сами себеси се гледаат, како во сончева светлина и расудуваатː потполно и точно, според зборовите на светиот апостол, расудуваат за сѐ, самите одат незаблудено, а оние што одат по нив – ги водат без препнување кон вистинската Светлина, кон Животот и Вистината. За ваквите е напишаноː „Вие сте светлината на светот“ (Матеј 5, 14), а и божествениот Павле говориː „Бог, Кој некогаш заповеда од темнината да изгрее светлина, Он ги озари срцата наши за да биде познанието на славата Божја во лицето на Исуса Христа светло“ (2. Кор. 4, 6). И блажениот Давид говориː „Покажи ни ја светлината на лицето Свое, Господи!“ (Псал. 35, 9); уштеː „Во Твојата светлина ќе гледаме светлина“ (Псал. 35, 9); а, пак, самиот наш Господ Исус Христос реколː „Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот“ (Јован 8, 12).
Изворː Добротољубие – Том V
Подготви: Т.С.