Поетски портрет на Петре М. Андреевски во Гевгелија – градот на културата
Гевгелија, 17 април 2011 (МИА) - Со читање на стихови, поетски критики и лични експресии на читатели кои се дружеле со поезијата на Петре М. Андреевски, синоќа во Гевгелија беше одржан поетски портрет на големиот македонски поет, романсиер, драмски автор и добитник на многу награди и признанија за литература, носител на Орден за заслуги за Македонија.
Поетски портрет на Петре М. Андреевски беше најава за долгочасовната културна програма со која официјално вчера се прогласи за отоврена културната манифестација „Гевгелија – град на културата за 2011“.
Главен стожер на поетската ноќ посветена на Андреевски беше поемата „Дениција“ за која ќе речат дека е колаж од стотина мали приказни кои заедно може да ја дадат дефиницијата за љубовта, дека е вакцина против сите сомнежи дека е лудост да се кали светлина во мракот, дека е магнетно поле за сите наши движења.
За ненадминливоста на поемата „Дениција“ во македонската литература зборуваше Канго, со самиот факт што оставила голем печат врз оние кои ја прочитале, соживеале, и на свој начин се пронашле во книгата.
Професорката Љубица Мишкарова анализираше дека авторовото често обраќање кон “тебе“ е всушност упатено кон женски род, алудирајќи на жена, мајка, љубовница, татковина, кои се постојана инспирација на уметниците и авторите, а таа препознава уште и ќерка, и судбина. Широкиот опфат на можности и препознавања го прави безвременско ова дело, од почетокот, а тоа е моментот кога авторот ја создавал „Дениција“, до вечноста, а тоа е она што останува за читателот, вечно да се наоѓаат во делото и да пронаоѓаат своја Дениција, истакна Мишкарова.
Промоцијата беше збогатена со музичко-сценски-уметнички перформанс во издание на академскиот сликар Сергеј Андреевски.
- Ако Дениција е примат на универзалното, тогаш според јазикот на математичарите таа е формула и равенка, според јазикот на физичарите Дениција е магнетно поле, според јазикот на биолозите таа живот и смрт, а според јазикот на спортистите Дениција е сеуште несрушен рекорд, беше оценката на гевгелиските читатели за поетскиот опус и евергрин поемата на Петре М. Андреевски, презентирана на почетокот од манифестацијата „Град на културата за 2011“. јд/дма/9:32