Хеј,
По долго и тешко размислување, дојде време да се разделам со моето 12 годишно милениче наречено он.нет.мк.
Дигам сидро од овде. Ништо драматично. Едноставно, мислам дека во вакво корпоративно гнездо, работењето на ваков сајт ќе стане прилично незабавно.
А не беше тоа финтата.
Сајтот функционираше во рамките на фирми на кои овој медиум не им беше главна цел. Ваков он.нет.мк, со мене на него, издржа цели 11 години под едно знаме (Интернет провајдерот Он.нет) и цели 5 месеци под друго (Оне, Телеком Словенија). Њима хвала.
Имаше и покомфорни и побезбедни решенија од ова напуштање, но, петлето вика вака.
Како да се резимираат овие 12 години? Да пробам, малку: ех, златен dial up, покрај секое видео требаше да наведеш колку тежи клипот за да проценат луѓето дали им се исплаќа да го симнуваат, пошто интернетот ем краток, ем изгор. Ако е над 5 мега, треба да заложиш цел свој личен кредит за да се кликне.
Да не упаднеме во патетика. Дајалап, бродбенд, не е битно. Беше извонредно забавно да се прави он.нет. Одлични 12 факинг години. 5-6 години сам ко будала, после со Јурук кој прерасна во главен плејмејкер, па со скроз нашата Анѓа, одличните Илина, Адо, Анета, Аце, Игор, Иван, Пане... Во меѓувреме луѓе пишуваа колумни за нас, илјадници од вас праќаа писма, фотки, линкови.
Си го имавме муабетот, ај ти.
Сега ми е малку криво што во меѓувреме мораше да се работат и други работи кои ме оддалечуваа од сајтот: две години правење на BoomTV, блог платформа со неверендинг кавги и меилови во кои блогери се кодошат меѓусебе, Зулу, рекламни кампањи, состаноци, тендери, свашта.
Што ми е најмногу криво? Што никогаш не го најдовме Ристе од Припор.
Време е да се рисајзне и преплете целата приказна. Не дека нема веќе предизвик. Во 2000-та година, проблем беше што немаше речиси ништо во македонскиот интернет простор. 12 години подоцна, проблем е што во него има речиси се, само што добар дел од тоа е безначајно по смисла и фолирантски по изведба.
На екипата која останува им посакувам се најдобро, на моиве од фамилија им ветувам дека нема да ги оставам гладни а вам, дека се читаме наскоро, на некое пораат и понаше место.
May the joke be with you,
Трендо