На 06 и 07 Март, беше остварено поклоничко патување во Солун и манастирите на Метеори во Тесалија, Република Грција. Во групата имаше поклоници од целата Татковина.
Патувањето започна од Скопје, во раните утрински часови, за да се пристигне во Солун, во храмот на заштитникот на градот, светиот великомаченик Димитриј Мироточивиот, за време на светата Литургија . По совршувањето на светата Литургија, групата се поклони на моштите на маченикот и на другите светињи кои се наоѓаат во храмот и ја посети криптата, каде пострадал светиот.
Во продолжение, беше остварена прошетка низ градот, посетувајќи го стариот римски форум од времето на Галериј, храмот на Светата Премудрост (Αγία Σοφία). Во овој храм, кој е најстар во градот Солун (6-8 век), се наоѓаат моштите на светиот Василиј Архиепископ Солунски Исповедник од 9ти век, кои беа откриени во 80тите години на 20тиот век, од страна на блаженоупокоениот Архиепископ Пантелеимон 2ри.
Како конечна дестинација беше оставена соборната црква на Солун, со името на великиот учител на Црквата, светиот Григориј Палама, светилникот на православието, каде се наоѓа кивотот со неговите свети мошти. По ова, беше дадено слободно време за разгледување на градот.
Во попладневните часови, групата го управи својот пат кон Паралиа на Катерини, каде се ноќеваше, за утрото да се продолжи кон Тесалија, односно втората дестинација на ова патување, светите Метеори.
Светите Метеори се втората Света Гора. Тие се основани од монаси кои доаѓале од Света Гора Атонска во периодот на 12тиот век. Тие се неверојатно чудо на православната архитектура, нешто тешко достижливо дури и со модерната технологија. Покрај природната убавина, тие во себе содржат голема ризница на православни светињи и богата историја на монашки живот.
Од околу 20 манастири на Метеорите, од кои само 6 се отворени за јавноста, групата посети два: Великата Метеора, првиот по чест манастир и манастирот на светиот Варлаам, поклонувајќи се на светињите и разгледувајќи ги музеите кои се наоѓаат таму.
На враќање кон Македонија, беше посетена работилница за традиционални православни икони.
Подготви: А.Л.