Вкупно 10.000 книги Друштвото на писателите на Македонија ќе додели за манастирот „Св. Јован Бигорски“, чија библиотека и конаци изгореа лани во голем пожар. По тој повод, писателската асоцијација ќе организира собирање на книгите, нивно селектирање и регистрација на насловите. Авторите, членови на ДПМ, ќе ги доделуваат делата од своето досегашно творештво, како и примероци од светската книжевност, кои се дел од нивните домашни библиотеки.
Колекцијата книги за манастирот ќе содржи дела од областа на белетристиката, историјата, филозофијата, фолклорот, поетски дела, драми, романи, критичко-есеистички творби.
Според плановите на Друштвото, на денот на предавањето на книгите во манастирот ќе организираат литературно читање со настап на писатели од сите генерации во нашата култура.
Извор: Дневник