ПРАВОСЛАВНИТЕ ЦРКВИ ДЕЛ И ОД ВТОРАТА СВЕТСКА РЕЛИГИСКА КОНФЕРЕНЦИЈА
ДВАЈЦА АРХИЕПИСКОПИ ДОАЃААТ ВО ОХРИД
Високи делегации на четири православни цркви доаѓаат на Втората религиска конференција, која од четврток до недела ќе се одржи во Охрид. Вечер дознава дека своето присуство го потврдиле двајца архиепископи и митрополити од Руската, Антиохиската и Албанската православна црква. Се очекува потврда на епископ и од Српската православна црква.
Најрепрезентативна е делегацијата што доаѓа од Московската патријаршија. Неа ќе ја предводи архиепископот јарославски и ростовски, г. Кирил. Со него е и Игор Јакумчук, секретар на Одделот за надворешни работи на РПЦ.
Од Антиохиската православна црква на Религиската конференција ќе присуствува филополскиот археипископ, г. Нифон. Албанската архиепископија ќе ја претставува митрополитот корчански, г. Јован, кој и пред три години беше дел од Светската религиска конференција. и годинава од Сириската православна црква доаѓа митрополитот г. Теофилос.
Бугарската, Романската и Цариградската патријаршија ќе ги претставуваат професори и теолози. И на оваа Религиска конференција единствено нема да учествува Грчката православна црква.
Висока делегација ќе ја претставува и римокатоличката црква. Во името на Ватикан во Охрид доаѓаат апостолскиот нунциј Сантос Арбил и Кастињо и бискупот Винко Пулиќ.
И на Втората светската религиска конференција доаѓаат репрезентативни претставници на исламот. Меѓу нив е и претстедателот на ИВЗ од Албанија, Селим Муџа.
M.Н.
Извор: Вечер