БИТОЛА - Преспанско-пелагониската епархија гради повеќе од четириесетина цркви и храмови. Продолжува изградбата на соборниот храм „Соборот на македонските светители“, чии темели се поставени пред повеќе од една деценија. Храмови ќе има и во Австралиско-новозеландската епархија. Црковните објекти се градат со пари од верниците или со средства од ктитори.
„Привршува изградбата на црквата ’Св. апостол Павле‘ во долниот дел на големиот храм ’Собор на македонските светители‘, под неговиот олтар. За големата црква средства донираше и Владата“, вели митрополитот преспанско-пелагониски Петар. На истата локација на улицата „Васко Карангелевски“ битолски донатор ја гради црквата ,,Св Атанасиј“, а при крај е градбата на манастирската црква ,,Св Јован“, сместена на ридот во близина на Германските гробишта во Битола. Продолжуваат градежните работи и во неколку храмови во градот под Марковите кули. „Во Прилеп во изградба е црквата ’Св Петка‘ за која до скоро очекувавме да се регулираат сите документи со имотноправните прашања. Поставен е камен-темелник, направена е и донаторска конференција на која се собраа повеќе од 55 илјади евра. Очекуваме за две-три години да се заврши овој објект. Цркви и манастири се градат и во селата. Градбите се одвиваат најнормално иако граѓаните се во тешка материјална состојба“, вели владиката Петар.
За верниците во Австралиско-новозеландската епархија, МПЦ гради цркви во неколку австралиски метрополи и во помали градови каде што живеат голем број Македонци.
Во завршна фаза е изградбата на храмот,,Св Богородица“ во Мелбурн, како и црквата ,,Св Петка“ во Сиднеј. (А.Б.)