Скопје, 24 јануари 2013 (МИА) - Во НУБ „Св. Климент Охридски“ денеска ќе бидат отворени новите простории на Американското катче.
На отворањето ќе се обратат министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска и амбасадорот на Соединетите американски држави во Република Македонија Пол Волерс, а ќе присуствува и директорот на НУБ „Св.Климент Охридски“, Миле Бошески.
Во Американското катче, што се наоѓа во новото крило на НУБ „Св.Климент Охридски“, редовно ќе се организираат различни настани, предавања од експерти од САД и владини претставници, кои со посетителите ќе можат да разговараат на различни теми, како образовни програми за размена, заеднички вредности, американски празници... Во ова катче посетителите ќе можат да обезбедат податоци за САД преку книги, списанија, специјални публикации, бесплатен интернет...
Овој проект е резултат на партнерството меѓу Амбасадата на САД во Македонија, Министерството за култура и НУБ „Св.Климент Охридски“.
Првото Американско катче во Скопје е отворено во јануари 2005 година. Американски катчиња има во Битола, Тетово, Штип и Струга.
Членството во Американското катче е бесплатно и отворено за јавноста. Од понеделник до петок ќе работи од 10 до 20 часот, а во сабота од 11 до 16 часот. мд/бак/8:03